1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нападот во Сирија е сигнал на Бајден до Иран

Керстен Книп
27 февруари 2021

Првиот воздушен напад врз проирански милиции во Сирија во мандат на новиот американски претседател е пред се' предупредување до Техеран. Неговата деструктивна стратегија е закана за целиот регион, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/3pzBp
Syrien US F-15 Kampfflugzeug
Фотографија: picture-alliance/EPA/US Air Force/M. Bruch

Ако треба, САД не се колебаат да му покажат на Иран каде е границата. Провокации и напади нема да прифатат. Тоа е јасната порака на бомбите кои американските силиноќта кон петокот ги исфрлија на сириско-ирачката граница врз објекти на проиранските милиции.

Со тоа САД реагираа на нападите на шиитските милиции врз американски објекти во Ирак. Во нападот врз аеродромот во Ербил на 15 февруари загина еден соработник на американските безбедносни сили, шестмина беа повредени. На почетокот на неделава беше гаѓана т.н. „Зелена зона“ во Багдад. Таму се наоѓа и американската амбасада.

Деструктивниот курс на Техеран

Нападот е „соодветен воен одговор“, коментираше портпаролот на Пентагон, Џон Кирби. Со него САД реагирале на „постојаните закани кон американскиот воен персонал во регионот“.

DW Kommentarbild | Autor Kersten Knipp
Керстен КнипФотографија: W. Knipp

Последната забелешка на Кирби остава простор за да се „начулат ушите“, меѓу другото и поради неговата забелешка дека американскиот напад бил во договор со американските сојузници. Звучи како да се работи за нешто повеќе од само реакција на спомнатите ирански напади. Американските напади, гласи скриената порака, се насочени против иранските дејства во регионот, поради кои под притисок е ставен и блискиот сојузник на САД во регионот - Ирак. Иран има влијание врз политиката на Ирак преку повеќе проирански групации.

Укажувањето на Кирби во врска со сојузниците има други импликации. Најдоцна од почетокот на сириската граѓанска војна Иран во регионот има стратегија која не може да се опише поинаку освен како деструктивна. Со одобрување на највисокиот духовен лидер Али Хамнеи и под воено раководство на - во јануари 2020 година од страна на Американците убиениот - командант на единиците Кудс, Касем Сулејмани, Иран до денес му дава поддршка на сирискиот властодржец Башар ал-Асад и неговиот режим. Еден од службениците на тој режим неделава беше осуден од страна на судот во Кобленц, Германија, на четири и пол години затвор поради државно измачување.

Вештачки насадена омраза кон Израел

Истовремено, Иран се обиде да го искористи насилството во Сирија за да ги доближи колку што е можно повеќе своите сили до границата со Израел. Техеран сакаше со помош на либанското чедо Хезболах таму да создаде сценарио на закани за еврејската држава, на кое Израел се спротивстави решително.

Секогаш одново се создава впечаток како вештачки насадената омраза кон Израел да е единственото што му паѓа на памет на државното раководство во Техеран за покрај катастрофалната состојба дома - инфлација, невработеност, последици од коорна-пандемијата - да го одржи моралот на своите трупи.

Изолирана држава

Колку многу се изолираше Иран со својата политика се гледа и по тоа што речиси и нема државни сојузници освен пропаднатиот режим на Асад, кој се одржува со помош на терор. На раководството во Техеран му остануваат само радикалните шиитски милиции, кои се многу спорни и во нивните земји.

Иран, држава која е неправедна и внатрешнополитички, веќе нема пријатели во регионот. Тоа го турка Техеран кон се' поголема агресија. Воените напад на САД сега го потсетуваат државното раководство на Иран дека во случај на потреба, мора да смета со контраудар.