1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се проткајуваат ли културите на Македонците и на Албанците?

10 август 2010

Уметноста и културата во Македонија се простор во кој се случуваат ликовни колонии, музички концерти, графички изложби, тетарски и други претстави. Постои ли интеркултурна комуникација меѓу Македонците и Албанците?

https://p.dw.com/p/OcR1
Фотографија: DW

Мултимедијалниот уметник од Тетово Мирко Видоевски критички се осврнува: „Многу малку знаеме за нашите култури, било Албанците за македонската култура и обратно. Значи, страни ни се културите. Потребни се повеќе заеднички проекти, за да се запознаат и да се зближат овие култури.“

Поетот и критичар од Скопје Али Алиу вели: „Постојат преводи на книжевни дела од македонски на албански јазик и обратно, во реалноста е присутно сето тоа, но повеќе не како систем и организација, не како проекти, како институции. Туку, тоа се развива сосема спонтано, преку индивидуални иницијативи, повеќе на таков начин, отколку системски.“

Mateja Matevski
Матеја Матевски, член на МАНУФотографија: Sveto Toevski

Академикот Матеја Матевски, еден од бардовите на македонската поезија и култура се надоврзува: „Контактите меѓу културите на Македонците и Албанците не се на рамниште според обемот и квалитетот како што би сакале ние и како што е од интерес и на Македонците и на Албанците. Соработката, контактите, односите и културните проткајувања на тие две култури можат да станат уште поразвиени и подобри, бидејќи со нив би се надминувале сите наслојки од минатото, или некои тензии и недоразбирања, кои се појавуваат во последно време. Постои еден еден голем простор, во кој се потребни поголеми вложувања и поголеми ангажирања на институциите да се поттикне размената на културните вредности врз основа на систематизирана програма.“

„Ниту Македонците знаат за Наим Фрашери и Фаик Коница, ниту Албанците знаат за Кочо Рацин и Крсте Мисирков“

Новинарот и долгогодишен хроничар на културниот живот на Тетово Гојко Ефтоски посочува на конкретен пример – личноста на Наим Фрашери, еден од најистакнатите писатели, поети и преродбеници од 20-тиот век во Албанија: „Имаме споменик на Наим Фрашери на плоштадот во Тетово, пред Домот на културата. Беше поставен пред повеќе од десеттина години, а тогаш на почетокот имаше и отпори кај Македонците кон тоа, затоа што тие не ја знаеја неговата вредност. Тоа се случува и обратно: Албанците да не знаат многу детали за Кочо Рацин, за Кирил Пејчиновиќ, или за кој било од културните дејци на Македонците.“

Denkmal für Naim Fraseri
Споменикот на Наим ФрашериФотографија: Sveto Toevski

Академскиот сликар и претседател на мултиетничкото Друштво на ликовни уметници на Тетово Невзат Кица укажува дека дел од инспирацијата во неговиот најнов творечки циклус му бил токму дел од творештвото на Блаже Конески: „Бев принуден повеќе од десеттина пати да го читам Блаже Конески со ’Тешкото’. Зашто? Затоа што, според мене, Конески не го напишал ’Тешкото’ само за Македонците, туку тоа е едно општобалканско оро, тоа е еден балкански елемент, кој е врска за сите нас.“

Еден од поистакнатите поети од младата генерација во Македонија Салајдин Салиху еве каде наоѓа дел од причините што се’ уште нема доволно мостови во двата правца меѓу македонската и албанската култура: „Тука, во Македонија и поетите – Македонци и поетите – Албанци имаат што да и дадат на оваа публика. Треба повеќе да се преведуваат меѓу себе. Но, исто така, треба да имаат некои проекти, кои ќе имаат повеќе влијание врз општеството, каде што се’ се дели според етничка линија. За да се види дека поетите можат да градат мостови, но и оти политичарите ги уриваат токму овие мостови.“

Времето лек за надминување на предрасудите

Nevzat Kica Maler
Невзат Кица, сликар и претседател на Друштвото на ликовни уметници на ТетовоФотографија: Sveto Toevski

Невзат Кица надополнува: „Како што се потребни преведувањата на македонските книжевни дела на албански јазик, безусловно треба да се преведуваат на македонски јазик и делата на албанските културни дејци: на Фаик Коница, кој е европска, а не само албанска вредност, делата на на Наим Фрашери, Фан Ноли... “

Академикот Матевски заклучува: „Времево во кое се наоѓаме и кое се открива пред нас се повеќе и повеќе дава простор да се надминуваат предрасудите, да се надминува изолацијата. Да се бараат изразите на тој заеднички интерес во заедничките акции.“

Несомнено, поинтензивното и поголемо циркулирање на кулктурните вредности во Македонија ќе биде еден прилог повеќе во градењето на нејзината единствена мултиетничка култура.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска