Се’ е подготвено за фудбалскиот спектакл
5 декември 2009Репрезентацијата на Германија доби релативно тешка и изедначена група. Во групата Д, противници на освојувачот на бронзениот медал на последниот Мундијал, се уште и селекциите на Австралија, Србија и Гана.
Селекторот на германската репрезентација Јоаким Лев по ждрепката изјави дека е задоволен од изгледот на групата.
„Задоволни сме и мислам дека имаме интересна група“.
Првиот натпревар на Германија на првенството е дуелот против Австралија на 13 јуни. Се работи за незгоден противник, кој фудбалерите на селекторот Лев сепак го совладаа со 4:3 во Купот на конфедерациите.
„Игравме против Австралија на Купот на конфедерациите. Тогаш тоа беше тежок натпревар. За нас тоа ќе биде важен натпревар и ќе биде важно да победиме“, оцени Лев.
Следен противник ќе биде Србија на 18 јуни, чиј селектор Радомир Антиќ оцени дека Германија е фаворит во групата, но вети пласман на неговата селекција во осминафиналето.
„За Србија имам голем респект. Во квалификациите успеаја да ја остават зад себе Франција и имаат многу добра екипа“, возврати германскиот селектор.
Последниот натпревар против Гана, репрезентација која Лев ја смета за една од најдобрите во Африка, е на програмата на 23 јуни.
Неспорно, најинтересно во првиот круг ќе биде во групата Г каде петкратниот светски првак Бразил ќе се соочи со Брегот на слонова коска, Португалија и Северна Кореја. Групата Б ја сочинуваат Аргентина, Нигерија, Јужна Кореја и Грција. Во Ц групата покрај Англија се и САД, Алжир и Словенија, додека Холандија, Данска, Јапонија и Камерун ќе играат во групата Е. На отворањето на 11 јуни во Јоханесбург ќе играат домаќинот Јужна Африка против Мексико, во рамките на А групата, во која уште се и Уругвај и Франција.
автор: БГ/ГЧ/дв