1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го казнија „Дојче телеком“ за аферата во Македонија

30 декември 2011

САД им наложија на „Дојче Телеком“ и неговата филијала „Маѓар Телеком“ да платат 95 милиони долари, согласно спогодбата по судската тужба, во која се тврди дека наводно поткупиле официјални претставници на Македонија.

https://p.dw.com/p/13bi9
Фотографија: AP

„Дојче Телеком“ мора да плати висока цена поради аферата со поткуп во Македонија и Црна Гора. Американските иследници го обвинуваат „Маѓар Телеком“ дека им платил околу 4,88 милиони евра на македонски официјални претставници во текот на 2005 и 2006 година за да го одолговлекуваат отворањето на пазарот за безжична телекомуникација во земјата за нова конкуренција. Што се однесува до Црна Гора, пак, претставници на владата во Подгорица наводно добиле 7,35 милиони евра за државното телекомуникациско пртепријатие да премине во рацете на „Маѓар Телеком“.

„Маѓар Телеком“ се соочи со три обвиненија, едно за подмитување и две за лошо водење на евиденција, а „Дојче Телеком“ уште и за прекршување на прописите за внатрешна контрола, што е спротивно на американскиот закон за борба против корупцијата надвор од територијата на САД. Тој закон се применува за американските фирми, како и за странските компании кои работат на подрачјето на САД. Во периодот наведен во тужбата, со акциите на „Маѓар Телеком“ се тргувало на берзата во Њујорк. „Дојче Телеком“ и „Маѓар Телеком“ се согласија да ја платат паричната казна со цел да избегнат судска тужба, при што не мораа да ја признаат вината. „Спогодбата става крај на истрагата против Дојче Телеком без кривична тужба“, соопшти кусо портпарол на концернот.

Инаку, истрага поради обвиненијата за поткуп со години водеа и германските правосудни органи. Истрага се водеше и против шефот на Дојче Телеком, Рене Оберман. Нему му се префрлаше дека на средба со првиот човек на Македонски Телеком, во 2005 година, го условил исплаќањето на дивидендите со неотворање на македонскиот телекомуникациски пазар за други конкуренти. Тоа, од страна на обвинителството, се доведуваше во врска со наводен поткуп на трети лица. Оберман веднаш решително ги отфрли обвинувањата. На почетокот на јануари годинава обвинителството во Бон ја запре истрагата против Оберман поради тоа што сомневањата не се потврдиле. Надзорниот одбор на Дојче Телеком, уште претходно, веднаш по обелоденувањето на обвинувањата, застана зад Оберман и предвреме му го продолжи договорот. Според портпарол на Телеком, запрена е и истрагата на германските органи против неколкумина други менаџери на Дојче Телеком поради овој случај.

Автор: ЕМФ/дпа/миа

Редактор: Борис Георгиевски