Различни позиции на Берлин и Тел Авив
8 ноември 2010Израелската блокада на Појасот Газа само го зајакнува екстремизмот, порача Вестервеле денеска од Газа. Тој оцени дека е неприфатливо 1,5 милиони луѓе да живеат во блокада, и побара да се дозволи трговијата за сиромашната територија:
„Ние сме за зајакнување на прогресивните палестински сили. Исто така се залагаме за поголем стопански развој, и токму затоа побарав да се дозволи извоз од Појасот Газа, и во тој поглед на мојот колега му претставив конкретни предлози и идеи.“
Хамас мора да се откаже од насилството
Вестервеле во Газа го посети колекторот за чие финансирање германската влада издвои 20 милиони евра, и најави дека неговата земја и натаму ќе поддржува проекти во регионот. Од другастрана, тој одби да се сретне со претставници на движењето Хамас кои ја контролираат власта во Појасот. Вестервеле објасни дека нема намера да се сретне со претставниците на движењето се‘ додека тие не се откажат од насилството, и го прифатат правото на постоење на Израел. Од Хамас го оценија како „срамно“, одбивањето на средбата од страна на Вестервеле.
Претходно во Ерусалим, Вестервеле ги повика Израелците и Палестинците да вложат повеќе напори, за да се постигне успех во директните преговори за мир на Блискиот Исток. Не смее да има застој во мировниот процес, изјави германскиот министер на прес-конференцијата со неговиот израелски колега Авигдор Либерман во Ерусалим.
Различни ставови за населбите
Германскиот министер Вестервеле истакна дека тој и неговиот домаќин како и досега имаат различни ставови за населбите:
„Целта на германската сојузна влада и понатаму е сеопфатно и правично решение помеѓу двете држави, и затоа во поглед на проблемот со населбите ние разменивме спротивставени мислења.“
Либерман го потврди тоа со зборовите:
„За да ви биде полесно, ќе ви кажам дека немаме постигнато договор за населбите, но јасно ми е дека тие не се пречка за мирот.“
Средбата на двајцата министри во Ерусалим ја одбележа и мал гаф на израелскиот протокол. Имено, наместо германското знаме, на влезот на израелското министерство за надворешни работи била поставена белгијската тробојка. За среќа грешката била брзо забележана.
Автор: КФ /ЈМЈ/дпа/афп
Редактор: Жана Ацеска