1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пјонгјанг и натаму провоцира со ракети

4 јули 2009

Северна Кореја повторно спроведе ракетен тест, иако резолуциите на ОН токму тоа и‘ го забрануваат. Според информации од јужнокорејското министерство за одбрана, биле лансирани пет ракети со краток дострел.

https://p.dw.com/p/Igzt
Фотографија: AP

Веројатно се работи за ракети од типот „Скуд“, со дострел кој се проценува на околу 500 километри, соопшти новинската агенција Јонхап денеска (04.07.2009), повикувајќи се на владини извори од Сеул. Ракетите биле истрелани од стартна ракетна рампа во близина на пристанишниот град Вонсан во правец на Јапонското Море. Експертите веќе претпоставуваа дека Пјонгјанг ќе го искористи денешниот ден, 4 јули, Национален празник на САД, за да изврши ваква провокација.

Ново затегнување во регионот

Со ракетниот тест можен е пораст на затегнатоста во регионот. Јапонија веќе се изјасни дека станува збор за „сериозен акт на провокација“ од страна на Пјонгјанг. Во четвртокот оваа недела севернокрорејската армија во неколку часа лансираше четири тест ракети. Ова оружје имаше дострел од околу 120 километри.

Südkorea Nordkorea startet Rakete Fernsehn
Фотографија: AP

Во април режимот прв пат по повеќе години изврши тестирање и на ракети со долг дострел, а во мај следеше атомска проба. Пред околу три недели Советот за безбедност на ОН уште еднаш ги заостри санкциите против Северна Кореја. Тие предвидуваат, меѓу другото, бродовите кои доаѓаат од Северна Кореја или се на пат кон неа, да можат да бидат претресувани за да се утврди дали носат оружје и нуклеарен материјал.

Советот за безбедност на ОН упати апел до раководството на Пјонгјанг итно да ги запре атомската програма и лансирањето ракети. Северна Кореја на ова реагираше со закани и навреди, пред се‘ против САД.

Автор:ЖА/АТ/дпа/ап/афп

Редактор: Александра Трајковска