1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преголеми ветувања и очекувања

1 јули 2010

Шпанското претседателство не и донесе многу на Македонија. Преголеми биле очекувањата и ветувањата, вели еден шпански експерт на стартот на белгиското претседателство со Европската унија.

https://p.dw.com/p/O7Ev

Како да стана навика земјите кои претседаваат со ЕУ на почетокот од својата шестмесечна работа на агендата да го имаат проширувањето. Така беше лани, истото го вети и Шпанија, а сега тоа е најава и на Белгија.

Македонија не доби многу од шесте месеци кога европските конци ги влечеше Мадрид. Зошто не се исполни амбициозната агенда? Едуард Солер и Леха, координатор на Медитеранската програма на Центарот за Меѓунариодни односи и развојни студии од Барселона коментира: „Мислам дека Шпанија создаде големи очекувања. На Турција и беше ветено дека ќе бидат отворени четири поглавја, добро е што се отвори барем едно. Со Балканот беше исто. Кажавме: сакаме проширување, Македонија е една од земјите кандидати. Овие работи не се случија, поради што некои ’читаат“ меѓу редови, дека Шпанија не беше способна да ја поттурне Европа во таа насока.“

Проширувањето во втор план

Според Солер и Леха, проблемот беше во високите очекувањата што ги имаа другите, но и во можностите кои ги имаше шпанското претседателство. Затоа е разбирливо што наспроти очекувањата на Македонија и на Балканот, дека со Шпанија може да се постигне многу, сега владее чувство на фрустрација. Доколку очекувањата беа помали, ефектите би биле поинакви, смета Солер и Леха.

Konferenz Maritim Berlin Eduard Soler i Lecha
Многу се очекуваше од шпанското претседателство. Едвард Соле и ЛехаФотографија: DW/Padori-Klenke

Што може објективно да се очекува од Белгија во однос на проширувањето? „Белгија е држава која ги почитува обврските, која верува во институциите. Ова може да биде позитивно за Балканот бидејќи обврските веќе се преземени. Но, едновремено тоа е земја која ќе се обиде да им предаде дел од моќта на новите институции на ЕУ, на комесарот за надворешна политика и безбедност Катрин Ештон, на Советот... Не дека улогата на претседателството е помалку значајна, туку Белгија како претседавач со ЕУ ќе сака да потврди колку се важни новите институции,“ коментира Едуард Солер и Леха заклучувајќи дека едновремено Белгија ќе се идентификува и ќе се посвети на главниот проблем на Унијата - економската ситуација, загрозеноста на еврото.

Скептицизам за името

Konferenz Maritim Berlin Professor Axt
Професор Ханс-Јирген Акст е скептичен за предлогот „Република Вардарска Македонија“Фотографија: DW/Padori-Klenke

Ова практично значи дека и датумот за пристапните преговори на Македонија со ЕУ и натаму остануваат врзани за решавањето на спорот со името. Професорот Хајнц-Јирген Акст од Универзитетот од Дуизбург е скептичен дека решение може да биде предлогот што изминативе недели беше присутен во медиумите „Република Вардарска Македонија“: „Можеби би било шанса за премиерот Папандреу, медиумите и јавноста помалку да ги фокусира на проблемот со Македонија, туку на финансиската криза. И можеби, тоа би било разрешница за спорот,“ смета професор Хајнц-Јирген Акст.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Алексндра Трајковска