1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потпишана спогодба за унапредување на инвестициите

13 мај 2009

Германското друштво за техничка соработка и македонската влада потпишаа Спогодба за спроведување на проектот „Унапредување на инвестициите и извозот“.

https://p.dw.com/p/HpKC
Логото на Германското друштво за техничка соработка - ГТЦ

Станува збор за документ со кој се става рамка и се продлабочува, уште во 1999 година воспоставената, соработка меѓу Македонија и СР Германија.

Планирано е проектот да трае до крајот на 2012 година, при што за првата фаза, до крајот на оваа година, е планиран буџет од 600 илјади евра. Македонското министерство за економија, кое е носител на проектот од македонска страна, оценува дека основната цел на денеска потпишаната спогодба е зголемување на меѓународната конкурентност на македонските фирми. Тоа е во согласност со утврдените стратешки приоритети на владата, вели министерот Фатмир Бесими. Активностите за проектот ќе се спроведуваат во тесна соработка со неколку партнерски институции во Република Македонија, и тоа Агенцијата за странски инвестиции, Македонската стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, Македонската текстилна трговска асоцијација, Македонската групација за автомобилска индистрија во рамки на Стопанската комора на Македонија, како и со проекти финансирани од отворениот Регионален фонд за унапредување на надворешната трговија за ЈИЕ.“

Поддршка на одржливиот развој

Директорката на ГТЦ во Македонија, Улрике Ганцер, вели дека соработката е важна бидејќи со неа се поддржува одржливиот економски развој на Македонија, што на земјата и‘ е исклучително важен на патот кон ЕУ. Заменикот на германскиот амбасадор во Македонија, задолжена за економски прашања, Елизабет Милер вели дека Германија значително ја поддржува Македонија од осамостојувањето и изрази надеж дека така ќе биде и во иднина. „Во последниве 15 години, Германија и‘ додели на Македонија повеќе од 150 милиони евра’, изјави Милер.

Wirtschaft Handel Geld Euro
Меѓународната конкурентност на македонските фирми треба да се зголемиФотографија: picture-alliance / Helga Lade Fotoagentur GmbH

Во областа на инвестирањето, од денеска потпишаниот проект, главниот фокус ќе биде насочен кон развојот на капацитетите на македонските инвестиции во планирањето и остварувањето на маркетинг активности за инвестирање. Во областа на извозот, пак, одбрани се сектори со значаен потенцијал за отворање нови работни места, или значајни од аспект на можноста Македонија да се прикаже како атрактивна локација за инвестирање.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска