1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последните балкански самураи

Тони Поповски
15 мај 2021

Не убедуваат, дека ваква европеизација, под притисок на околностите, после неколку еспреса испиени на реновирани јавни плоштади со европски пари би требало од непријатна да стане благопријатна. Пишува Тони Поповски.

https://p.dw.com/p/3tMvm
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Кои се интересите и мотивите на футуристичкиот крипто сегмент од нашата „прогресивна" интелигенција, во позадина на актуелното обвинение за груевизација на надворешната политика? 

Со ризик дека ќе го поедноставам, обвинението го разбирам како осуда на нашето официјално укажување кон Европската Унија за недостаток на кредибилитет, проследено со „закана“ дека преговори и зачленување во ЕУ не ни се потребни на сметка на обезличување на македонскиот народ и јазик. Во случај оперативно да не започнеме преговори (бидејќи политичката одлука на ЕУ е сепак донесена) овој пат и поради нашата „закана“ а со тоа и вина, покрај блокадата на соседот, последица ќе биде изолација на земјата, односно според дел од крипто-прогресивците, декадентно враќање назад во времето на владеење на претходниот премиер. Притоа, не се забележува дека на потребата од зачувување на кредибилитетот на ЕУ, гласно укажуваат и дузина европски министри и претставници на Унијата, на кои е навистина тешко да им се залепи етикета дека се маниристи - груевисти. 

Нашите крипто-прогресивци и по некој однадвор, но со други мотиви, на кои би им позавидел Вилијам Џејмс, филозофскиот родител на прагматизмот, вршат притисок кон носителите на нашата надворешна политика да се најде прагматично решение, сега и веднаш, за задоволување на барањата на соседот, па дури и по цена да се согласиме дека сме себеартикулирани со туѓа помош, од 44-тата наваму. Овој неолиберален trade-off (ефикасна размена на вредности во услови на себерегулирачки пазар) наводно би резултирал со прогрес и благосостојба на современиот македонски политички демос. Не убедуваат, дека ваква европеизација, под притисок на околностите, после неколку еспреса, макијата или лимончела, испиени на реновирани јавни плоштади со европски пари и со поквалитетен амбиентален воздух, би требало од непријатна да стане благопријатна. 

Во очекување малата катана по втор пат да пенетрира

Имам впечаток дека нашата иновативно – дисруптивна, крипто интелигенција, гледајќи го на ајфон, Рашомон на Куросава, црно-бело и нетрпеливо очекува самурајот, во случајов Заев или Димитров виа Османи, по втор пат да си ја забие малата катана во однеодамна закрпениот политички стомак. Римејкот на филмот да кулминира со успешен ритуален сепуку, имајќи предвид дека едвај го преживеаја претходниот преспански харакири. 

Притоа крипто прогресивците, загледани во можноста за блескава посткуросава иднина во колор, бргу забораваат на квалитативната разлика со или без преспанскиот НАТО чадор, поставен и врз нивните умни глави и таблети, штитејќи ги од реални мали или големи катани, куршуми и гранати. Авангардните забораваат дека се заштитени поради претходно харaкири на сега според нив, ретроградните. 

-претходни колумни: Добар план, и половина од работата е завршена

Во ложата од спротивната страна на нашиот Cinema Paradiso, од поодамна е залегната внатрешната, во минатото револуционерна, а сега конзервативна и конформистичка интелигенција. И покрај периферното искуство со „малите ножиња“, го посакува второто харакири многу повеќе од крипто-прогресивците. Незаинтересирани за сопствен харакири препуштајќи го на преспанските самураи, бидејќи за идеали гинат само будали, поранешните револуционери беа зафатени со внатрешно уредување на сега замрзнатата бела палата, на кое ќе им позавидеше и покојниот Садам Хусеин. Беа зафатени со градење барокни плоштади и глиптотеки на отворено, за удобно конзумирање на виното со колачи, дури и кога благајникот им велеше дека може да останеме без леб. Со долгите раце, во неколку наврати тренираа шамари и тупаници колку да не се заборави славното револуционерно минато. Во суштина, по освоената власт, како исцрпени постреволуционери - екс самураи, неподготвени за харакири, си се повлекоа во домот, во изолација која од година во година стануваше проширена, надградена и поудобна за нив. 

Очигледно, најумните во двете безбедносно заштитени ложи, се подготвени воајерски да набљудуваат нечиј харакири, но неподготвени да го сторат тоа самите. Да дадат пример и да ги понесат последиците. Постојано очекуваат, во име на напредок и помалку земени туѓи пасоши, некој трет да си пресуди себеси, пресудувајќи им на идентитетските обележја и на по некој колективен мит, а потоа третите да бидат заборавени од првите и изложени на закани по живот и лепење етикети со генерации нанапред, од вторите. 

Ревизионистичка себежртва 

Бидејќи мнозинската јавност, македонската, подолг период има дигестивни проблеми поради се што има проголтано и треба да свари, во нејзиниот желудник и црева се погласно гргорат нашите лево-десни национал-социјалисти, интелигентните академски демофили – ревизионисти, сместени на народниот балкон на киното, над тие во ложите. 

-претходни колумни: Два процеси и еден пркос

Впрочем, крипто прогресивците и постреволуционерите како секој умислен, било интелектуален или политички естаблишмент, ги окупираа атрактивните ложи, препуштајќи го балконот на третиве – демофилите, меѓудругото и поради мирисот на тој испрдок од оптоварениот политички желудник, кој поради топлина на гасот физички оди нагоре (пропорционално и во политички рејтинг) и се уште не им замирисува на тие во ложите, иако наскоро ќе биде предоцна за нивните чувствителни носеви. 

Бугарскиот голем ѕид

Бугарскиот голем ѕид кон нас, веќе станува видлив и од европската вселена, од политичките соѕвездија на метрополата и другите европски престолнини, но видлив е и од американскиот ровер на Марс. 

Европа и САД се сеќаваат на Берлинскиот ѕид, на балканските ѕидови опкружени со провалии, на мексиканскиот ѕид, и низа други ѕидови, и се вџашени од грандиозноста на оваа слика и (не)прилика. Колку станува повидлив ѕидот, толку е потешко да се избегне како легитимна пречка која самата повикува да биде пробиена, премината или заобиколена. 

Сепак, мора да се оддаде признание дека големиот ѕид е ремек дело на бугарската сеполитичка интелигенција, со свесност за моментот во кој се наоѓа Балканот и нејзините 5 минути моќ, и со примена на докажани (раз)градителски техники од 19-тиот и првата половина од 20-тиот век. Ѕидот е заштита од македонските Монголи, србоманите или балканските Севернокорејци. Кога веќе е еректиран, од палисадата, како европска велесила во духот на славните династии, асиметрично, они горе а ние долу, со висок тон и преку довикување се обидуваат да ни ја издиктираат историјата. Да ни го покажат местото. Да не убедат дека сме биле засадени и сме пораснале во туѓа жардињера, а не во плодната македонска почва, која секој ја орал и садел со се што ќе му дојде при рака. 

-претходни колумни: Големиот театар и малата сцена

Наместо да придонесе да се воспостави амбиент низ органски процес на соработка рушејќи ги преостанатите огради, соседот демофилски одлучи да подигне огромен одбрамбен ѕид, наводно штитејќи го својот политички демос од крадците на историјата. Во ѕидот е вложен политички малтер и арматура, и работна рака на внатребугарски мајстори и калфи од повеќе провиниенции и генерации, и по некој надворешен велемајстор. 

Како да се пробие, премине или заобиколи ѕидот? 

Крипто интелигенцијата, фанатично загледана само во иднината, очекува и врши притисок да го прифатиме на сила наметнатото решение, без оглед што не е одржливо ниту на кус рок, имајќи ја предвид атрактивноста на фанатичниот ревизионизам на демофилите кој го споделува мнозинството од внатрешните постреволуционери, заедно гледајќи само во минатото. 

Пробивот низ ѕидот е можен но само помеѓу екстремите, низ умешно водење на органски, инклузивен и транспарентен процес кој ќе ги зближи народите од двете страни на палисадата. Преминување на ѕидот е илузија. Заобиколување на ѕидот е само времено решение. Во ѕидот треба да се пробие одржлива порта. Нема друга сензибилна алтернатива. 

Колку за утеха, ако не ги видиме екстремите, многу потешко е да го согледаме па и да го цениме доброто решение. 

Авторот е архитект и политолог, и поранешен министер за животна средина.