1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваПолска

Полски градови останаа без пари од ЕУ

Магдалена Гвожџ-Палокат
1 август 2020

Еврокомисијата ги отфрли барањата на неколку полски општини за субвенционирање на програмите за градовите партнери. Причината е анти-ЛГБТ резолуцијата што ја поддржуваат овие градови.

https://p.dw.com/p/3gF1f
Sticker für   "LGBT-freie Zonen in Polen" in Warschau
Фотографија: Reuters/K. Pempel

Сè уште не е познато за кои точно градови станува збор, односно кои градови во иднина ќе останат без стимулации на Европската унија за финансирање на своите програми за партнерство со другите европски градови. Според извештаите на медиумите, меѓу другите, станува збор за градот Тухов во округот Мала Полска. Градоначалникот на тој град, Магдалена Маржалек, во меѓувреме потврди: „Сè уште немаме официјален допис и не сме го виделе официјалниот став на Европската комисија, но веќе ги известив членовите на нашиот градски совет дека нема да добиеме средства од ЕУ“.

И таа самата се спротивстави на усвојувањето на „Резолуција против ЛГБТ идеологијата“, но на крајот победија членовите на Советот од редовите на владејачката полска партија ПиС, кои имаат мнозинство во Советот. 

Очекувани последици?

За Кшиштоф Смишек од полската левичарска партија, финансиските последици од овие одлуки не изненадуваат. За него, одлуката на Европската комисија е „природна последица на хомофобично мотивираните мерки во некои општини. Или почитување на човековите права, вредности или европски пари, или хомофобија или недостаток на пари - тоа е, на крајот на краиштата, цивилизациски избор “, вели нашиот соговорник, кој самиот живее со еден маж.

Deutschland | Protest in Berlin gegen so genannte "LGBT Freie Zone" in Polen
Фотографија: DW/W. Szymanski

Градскиот совет во Тухов сè уште може да ја ревидира својата одлука, го цитира весникот „Газета Виборжа“ заменик-градоначалникот од градот. Активистот Павел Пренета објави „Атлас на омраза“ и со тоа даде свој придонес полските „ЛГБТ слободни зони“ да се најдат во фокусот (дури и на меѓународната) јавност, повеќе од што сакаа градските татковци. Овој виртуелен „атлас“ на картата на Полска ги означува сите оние региони, градови и општини во таа земја во кои се донесени различни декларации на оваа тема.

„Одлуката во Брисел може да ги обесхрабри другите општини да донесуваат вакви одлуки и тоа би било позитивно“, вели тој. „Но, не можеме да кажеме како ќе реагираат оние што веќе усвоија вакви резолуции. Стравуваме дека таму ќе порасне  анти-ЕУ расположението “.

Полски општини се прогласуваат за ЛГБТ-слободни зони

Анти-ЛГБТ реторика застапуваат не само од политичарите на пониско ниво, туку и од највисоките претставници на државата. Полскиот претседател Анджеј Дуда, кој е поддржан од владејачката партија ПiС, на самиот крај на неодамнешната изборна кампања жестоко ја нападна ЛГБТ заедницата, нарекувајќи ја „нео-болшевизам“. „Тие се обидуваат да нè убедат дека се ЛГБТ-луѓе, но тоа е идеологија.“ И исто како и во времето на социјализмот, се прават обиди таа идеологија да се всади во главите на возрасните и децата, додаде Дуда.

Повеќе:

Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?

Полски општини се прогласуваат за ЛГБТ-слободни зони

Конзервативни активисти

Особено во оние региони каде што Дуда постигна најдобри резултати, многу општини усвоија анти-ЛГБТ резолуции. Зад поумерената варијанта, таканаречената „Карта за семејни права“, во која бракот се дефинира исклучиво како заедница меѓу маж и жена, стои конзервативното здружение на правници „Ордо Јурис“. Во интервју за ДВ, адвокатот Никодем Бернациак објаснува дека ова е „суштински одговор на растечката идеолошка војна“. Самиот документ, вели тој, не содржи никаква идеологија и не го спомнува никаде терминот „ЛГБТ“. Целта на документот е да се заштити бракот и да се поттикнат политиките што ги промовираат семејствата. Бернациак додава дека е ужаснат од одлуката на Европската комисија и најави дека неговата организација ќе побара од Комисијата увид во тоа за кои општини станува збор, односно дека ќе побара детално објаснување за одбивањето да им се стават на располагање пари на тие општини. Усвојувањето на декларациите само по себе не го оправдува сомневањето дека навистина постои дискриминација, тврди овој адвокат.

Polen LGBT-Protest für Gleichstellung in Plock
Фотографија: picture-alliance/zumapress/W. Dabkowsk

Полскиот министер за правда Збигњев Зибро зборува и за „нелегален“ потег на Европската комисија. Според него, Брисел „врши притисок“ врз граѓаните кои имаат право на свое мислење.. „Европската комисија и сите институции на ЕУ имаат должност да го почитуваат националниот идентитет на секоја земја членка“.

Во суштина, во овој случај не станува збор за  многу пари од фондовите на Европската унија, но сепак овој потег на Брисел е симболичен и може да се сфати како сигнал за иднината. За првпат, имено, се воспоставува директна каузална врска меѓу почитувањето на фундаменталните вредности (и тоа не само реторички) и директни финансиски последици.