1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта за Португалија е сигурна, за Грција не се знае

16 мај 2011

Вице-генералната директорка на ММФ, Немат Шафик, денеска ќе го застапува уапсениот Доминик Штрос-Кан на средбата на министрите за финансии на евро-земјите во Брисел. Тие разговараат за помошта за Португалија и Грција

https://p.dw.com/p/11H6M
Фотографија: Detlef - Fotolia.com

Министрите за финансии на земјите од еврозоната треба да го одобрат пакетот за помош на Португалија, тежок 78 милијарди евра. Еврокомесарот за монетарна политика, Оли Рен, за денешното издание на весникот „Велт“ изјави дека помошта е неопходна и дека нема да може да се оствари без Германија. „Со тоа што и‘ помагаме на Португалија, под строги, но реални услови, го штитиме и економското опоравување на Германија и заштедите на германските граѓани“, вели Рен.

Откако и Финска изрази подготвеност да даде финансиска помош, одобрувањето на пакетот за Португалија од страна на земјите од еврозоната важи за сигурно. Но, за плановите, сепак, виза треба да дадат утре и министрите за финансии на останатите земји членки на ЕУ.

Натамошна помош за Грција не се исклучува

Централна тема на еврогрупата денеска е и ситуацијата во Грција и каков став да се заземе во однос на состојбата во таа земја. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за германскиот радиодифузен сервис, АРД, не исклучи натамошна помош за Грција:

Волфганг Шојбле, министер за финансии на Германија
Волфганг Шојбле, министер за финансии на ГерманијаФотографија: AP

„Ако Грција во текот на наредната година не може да излезе на пазарот на капитал, за што бројки ќе имаме во јуни, тогаш мора да се разговара за тоа што може да се направи. Но, нема да може едноставно да се подобри она што е договорено пред една година, туку ќе мора да се разговара за нови мерки“, изјави Шојбле.

Пред да се разговара околу нова помош за Грција, седумнаесетте земји на еврозоната сакаат да ги сочекаат препораките на комисијата за проверка, составена од ЕУ, ММФ и Европската централна банка. Проценките би требало да бидат готови до средината на јуни. Според весникот „Велт“, во ММФ постојат сериозни сомневања околу тоа дали на Грција би требало да и‘ се одобри нова кредитна помош. Во ММФ владее „разочарување од грчката реформска програма, недоволната приватизација и неуспехот во намалување на дефицитот“. Доколку, како што се вели, ММФ одбие да учествува во исплатата на наредната кредитна транша од 12 милијарди евра, во јуни, тогаш Европејците ќе мора самите да го преземат целиот износ.

Еврокомесарот Оли Рен нагласува: „Грција мора да ги забрза економските реформи и да обезбеди целосно спроведување на програмата за приватизација. Апсолутно е „неопходно политичките партии да запрат со кавгите, за доброто на земјата“, вели Рен.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/ард/дв

Редактор: Жана Ацеска