Политички натегања на Блискиот Исток
26 септември 2010Според шефот на израелската организација за човекови права „Пис нао“, Јарив Опенхајмер, градењето на населбите на Западниот Брег може да продолжи во голем обем:
„Нашите истражувања покажуваат дека се работи за 2500 станбени единици кои треба да бидат започнати следните денови и потенцијалнио уште 11 илјади станови по донесувањето дополнителна одлука. За овие проекти се веќе издадени речиси сите дозволи.“
Голем публицитет на барањето на Обама
Во израелските медиуми голем публицитет предизвика говорот на американскиот претседател Барак Обама пред Генералното собрание на ОН: тој побара од Израел да го продолжи мораториумот за градење нови еврејски населби на Западниот Брег и продолжување на мировните преговори со Палестинците. Израелскиот министер за социјала Ицак Херцог го поздрави апелот на Обама:
„Израел мора со правилна, храбра и издржана формулација да пронајде пат за излегување во пресрет на барањето на американскиот претседател.“
Според весникот „Једиот Ахронот“, како компромисни предлози се разгледуваат меѓу другото решенија според кои Израел официјално нема да објави ниту продолжување на градењето населби ниту продолжување на мораториумот. Истовремено двете страни би преговарале околу предлогот за неизлегување со јавни изјави и дозволување ограничена градежна активност во најголемиот еврејски доселенички блок.
Автор: Клеменс Ференкоте/ Жана Ацеска
Редактор: Борис Георгиевски