1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поднесено барање за интерпелација на Георгиевски

Горан Петрески10 август 2007

Македонската опозиција се обединува во фронт против собранискиот претседател, Љубиша Георгиевски.

https://p.dw.com/p/BSwO
Љубиша ГеоргиевскиФотографија: DW

Либерално-демократската партија поднесе иницијатива за интерпелација. СДСМ ќе го поддржи предлогот да му се изгласа недоверба на Георгиевски. ДУИ има многу забелешки на работата на претседателот на парламентот, но допрва ќе гради став околу ова прашање. Иницијаторите на интерпелацијата, пратеничката група на ЛДП, денеска ги образложи причините за ваквиот чекор. Најважно од се‘, според Андреј Жерновски, од оваа партија е тоа што Георгиевски го претворил парламентот во извор на перманентна политичка криза во земјата.

Што е повод за барањето за интерпелација?

Непосреден повод за поднесување на интерпелацијата, пак, е последниот случај на, како што рече Жерновски ”драстично кршење на уставот од страна на претседателот на собранието и одлуката за одземање на имунитетот на пратеникот Владо Бучковски од СДСМ“: ”Континуирано кршење на одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија, потоа, Собранието е ставено во целосно подредена улога во однос на Владата на Република Македонија, натаму имаме типичен пример на неорганизирано и нефункционално раководење со работата на Собранието на РМ, континуирано гушење и опструкција на иницијативите на опозиционите партии во Собранието и уште едно многу битно, што може слободно да се стави и на прво место, е тоа што Собранието се претвори во центар, жариште и извор на политичката криза во која што за жал се наоѓа Република Македонија.”

СДСМ веќе најави поддршка, а координаторот на пратеничката група на ДУИ, Рафиз Алити најави дека неговата партија на 16-ти август ќе одлучи дали ќе ја поддржи интерпелацијата. Тодор Пендаров, портпарол на претседателот на собранието, најави дека Георгиевски ќе постапи според деловникот. Во рок од 15 дена Љубиша Георгиевски треба да одговори писмено, а потоа согласно деловникот, во период од 10 дена да свика собраниска седница. Пендаров објасни дека за да биде прифатена интерпелацијата од пратеничката група на ЛДП, се потребни 61 глас од пратениците.