Подмитување и тропање на „мали врати“
14 јуни 2010Сто и дваесет илјади мали и средни фирми се регистрирани, а
само 71 илјади се активни.
Професорот Веланд Рамадани од факултетот за бизнис - администрација на Штуловиот универзитет во Тетово спроведе истражување од јануари заклучно со април годинава во 120 мали и средни претпријатија во Тетово, Скопје, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево за потребите на неговиот штотуку промовиран учебник „Спецификите на малиот бизнис“.
Д-р Рамадани укажува на едно од најважните согледувања: - „Според последните податоци од 2009 година, во Македонија има 70.900 активни мали и средни претпријатија, иако се регистрирани повеќе од 120 илјади такви претпријатија. Од анализираните 120 фирми во моето истражување, 73 отсто немаат изготвено бизнис - план. Што е уште полошо: 44 проценти од анкетираните сопственици велат дека тоа ним и не им е потребно! А денес се знае дека во современиот менаџмент бизнисот не може да се води без планирање.“
Рамадани посочува и на следново:
„Претприемачите се во постојана борба за обезбедување квалитетен и свеж капитал. Педесет и еден процент од нив се финансираат со личен капитал, 23 отсто се финансираат од банки и - незамисливо - само 1 процент од нив ги користат владините фондови за помагање на малите претпријатија, или, пак, некои од фондовите, кои ги нуди Европската унија.“
Неопходни се повеќе институции за микрофинансирање
Марија Зарезанкова - Потевска, експерт за претприемништво и професорка на ФОН универзитетот во Скопје посочува и на неколку други моменти:
„Сведоци сме на еден судски систем, кој е сериозна сопирачка за бизнисот. Сопствениците се принудени да работат на ’црно’, со готови пари, наместо да одат преку банките. Потоа, пречка е и тоа што ние немаме повеќе институции за микрофинансирање, за мали заеми. Ова е сериозен проблем. Пред две години Европската комисија донесе еден така наречен ’Закон за малото стопанство’, или, правен акт за ова стопанство, со кој укажува дека и во Европската унија постојат сериозни проблеми во финансирањето на малиот бизнис. Оти тука треба да се направат чекори за полесен пристап до финансиите.“
Исто така, Зарезанкова - Потевска нагласува:
„Со цел успешно да се развиваат претприемачките идеи на поединците, значи, нивните идеи за одредени проекти да станат реалност и да дадат позитивни резултати, пред се‘, мора да постои поволна деловна клима. Сите власти во изминативе 20 години досега зборуваа дека имаат намера да создадат таква клима. Еве, и последниве напори на актуелнава влада се дека се преземаат реформски зафати, дека се донесуваат реформски закони. Но, се поставува прашањето: дали тие се реализираат потоа со законски, или подзаконски акти, дали и како администрацијата го спроведува тоа? Сепак, во праксата администрацијата е бирократизирана и таа, исто така, го кочи бизнисот, наместо да биде во функција на неговиот развој.“
Во овој контекст професорот Рамадани се надоврзува со уште еден од наодите на неговата студија: „Поголемиот број од претприемачите се жалат дека не се спроведува тоа што е напишано во законите, во регулативата, а според кои акти ние се рангираме многу високо на светското скалило, согласно со оценките на ’Дјуинг бизнис’. Само за пример: во врска со едношалтерскиот систем, за кој се тврди дека за 4 денови и со 4 процедури може да се отвори нов бизнис, претприемачите велат дека тоа трае многу подолго од она што е пропишано.
„Годинава ќе пропаднат многу мали и средни претпријатија“
Што велат двајца меѓу најуспешните македонски бизнисмени и претприемачи? Шефки Идризи, сопственик на компанијата „Ренова“ за производство на малтери и други елементи за градежништвото од Џепчиште, Тетовско, кој е претставник на Република Македонија во брошурата за претприемништвото, изготвена од Европската комисија, вели:
„Малите и средните претпријатија се судираат со цела грамада проблеми сврзани со долгите и сложени адмнистративни процедури. Тие се судираат секојдневно со пречките од државната администрација по шалтерите и во разни области од работењето.“
Игор Петковиќ од Скопје, сопственик на шпедитерската компанија „Медитеран - НП“, прогласен како еден од најуспешните претприемачи во микроекономијата за минатата година од страна на Министерството за економија, е уште подиректен:
„Проблем е се‘ уште тешката бирократија во државната администрација, каде што за кое било барање и за кои било дозволи се чека многу време. Неретко се случува да е потребно да се подмитува и да се тропа по ’мали врати’, за да се завршат најобични секојдневни работи. Мене тоа не ми е потребно и никогаш не сум го применил. Голем проблем е ниската ликвидност на многу претпријатија, бидејќи банките ги заострија кртитериумите за кредитирање. Мислам дека оваа година многу од тие претпријатија нема да ја издржат, оти ќе пропаднат.“
Малите и средни претпријатија бараат од државата многу поефективна поддршка во нивните напори.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Жана Ацеска