Пандев ја напушта репрезентацијата
17 октомври 2013Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев, во интервју за „Македонски спорт“, најави повлекување од националниот тим.
Пандев реагира на катастрофалниот квалификациски циклус, во кој Македонија во конкуренција на Белгија, Хрватска, Србија, Шкотска и Велс го освои последното место во групата.
„Не можам повеќе да молчам и да гледам како тонеме. Ова што се случува со репрезентацијата е голема срамота. Имам обврска како капитен да ја преземам комплетната одговорност за очајниот пласман во квалификациите кои се зад нас. Не барам никакво алиби. Јас, Горан Пандев, сум главниот виновник поради тоа што репрезентацијата не оди на СП во Бразил и е последна во групата. Како резултат на тоа се повлекувам од понатамошните настапи во дресот со државниот грб“, вели Пандев.
Фудбалерот на Наполи дел од репрезентацијата е од 2001. година, настапил на 75 натпревари, а со 26 голови е најдобриот стрелец во историјата на македонската репрезентација.