Објавени се номинираните за наградите „Ехо“
22 јануари 2009Наградите „Ехо“, кои ги доделува германската Фоно-академија, ги добиваат најуспешните германски и меѓународни изведувачи. Покрај „Греми“ и „Брит авордс“, наградите „Ехо“ се сметаат за едни од најважните во музичката индустрија.
Оваа година има 24 категории, од кои една нова - категоријата за најдобра критика. Во категоријата најдобар германски машки поп-рок изведувач номинирани се Херберт Гренемајер, Удо Линденберг, Томас Годој, Петер Мафеј и Шилер. Во женска категорија за наградата се натпреваруваат Сара Конор, Штефани Хајнцман, Лафее, Анет Луизан и Ина Милер.
Во меѓународните категории, за најдобар интернационален машки поп-рок изведувач номинирани се Пол Потс, Дејвид Герет, Џек Џонсон, Лени Кравиц и Кид Рок. За наградата „Ехо“ во категоријата најдобра интернационална пејачка во трка се Мадона, Ејми Вајнхаус, Ејми Мекдоналд, Дафи и Леона Луис.
Меѓу останатите номинирани во другите категории се и бендовите „Их унд Их“, „Розенштолц“, „Колдплеј“, „Марун 5“, „Пусикет Долс“ итн.
Доделувањето на наградите ќе се случи во салата „О2 ворлд“, а во улога на водители ќе се појават Барбара Шенебергер и Оливер Похер. Се очекува вечерта да настапат ѕвезди како Удо Линденберг, Кети Пери и Ејми Мекдоналд, а организаторот најавува уште неколку „големи имиња“.