Обама - ќе го чини ли безработицата мандат?
7 јули 2012Не само податоците од пазарот на труд, туку и вестите од стопанството покажуваат дека Обама потфрли, изјави кандидатот на републиканците за претседател Мит Ромни. „Политиката на овој претседател не доведе до повеќе работни места во Америка“, рече Ромни, притоа повикувајќи се на стапката на невработеност во земјата, која останува непроменета - 8,2%.
Освен тоа, отворањето нови работни места, кое треба да изнесува околу 200.000 секој месец за да се компензира загубата од над осум милиони работни места во 2008 и 2009 година, не оди според планираното. Во јуни биле отворени само 80.000 дополнителни работни места.
На Обама до изборите во ноември му преостануваат уште четири вакви месечни извештаи за нови работни места. „Во последните 28 месеци отворивме 4,4 милиони нови работни места“, изјави Обама, додавајќи: „Тоа е чекор во вистинска насока, но не треба да бидеме задоволни со толку“. Целта не смее да биде враќање на состојбите на пазарот на работна сила како во 2007 година. „Сакам враќање кон времињата кога средниот слој имаше поголема сигурност“, изјави Обама.
Стапката на невработеност има огромно значење за политичката иднина на земјата. Обама во ноември стои на реизбор. Ниту еден негов претходник во последните 60 години не успеа да добие втор мандат ако стапката на невработеност беше повисока од 7,2 проценти.