170310 Israel USA
17 март 2010Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон порача дека односите меѓу САД и Израел се неуништиви, наспроти актуелните несогласувања. Оваа изјава на Клинтон доаѓа по острите тонови на линија Вашингтон - Тел Авив што се случнаа последниве денови. Во тој контекст САД ја откажаа посетата на специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел без нов термин. Затоа, пак, денеска на разговори со Израелците и Палестинците доаѓа координаторката на европската надворешна политика Кетрин Ештон. Ештон има намера да го посети и Појасот Газа и преку средбите да пронајде како може ЕУ да го искористи своето политичко и економско влијание за да ги поддржи мировните напори на Американците на Блискиот исток.
Знаци на нова конфронтација
Во регионот сите знаци укажуваат токму во спротивна насока од почнување мировни преговори. Палестинците вчера се одзваа на повикот на радикалното движење Хамас да протестираат против осветувањето на една стара синагога во близината на Ал Акса џамијата на Светиот рид во Ерусалим. Во судирите меѓу младите Палестинци и израелската полиција имаше поголем број повредени и уапсени. Полицијата користеше солзавец и гумени кушруми за да ги растера демонстрантите.
Истакнати членови на израелскиот парламент од арапско потекло ја обвинија владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека води политика на провокации, што ќе го втурне регионот во трета интифада на Палестинците. Пратеникот Талаб Ел Сана, кој веќе 18 години седи во Кнесетот, за израелското државно радио порача: „Се обратив до Арапската лига со молба да иницира резолиција во Советот за безбедност на ОН, во која Израел ќе се обврзе на прекинување на градењето нови станови на палестинските подрачја на Западниот брег и во Источен Ерусалим. Замолив резолуцијата да има обврзувачки карактер...“
Критика и од израелската опозиција
Отпор за политиката на Нетанјаху доаѓа и од опозиционата партија Кадима. Поранешниот министер за одбрана Шаул Мофаз оцени дека актуелната влада нема концепт за мир на Блискиот исток. Тоа меѓу другото доведе и до длабоката криза на доверба со САД: „Потребни ни се визија и план. Ако визијата гласи две држави за два народа, тогаш ајде да поднесеме одговорен и практично применлив план што ќе води кон дијалог и спогодба со Палестинците. Мислам дека сегашната генерација политичари на власт не може да ја одложи одговорноста за постигнувањето договор со Палестинците.“
Тврда линија на Нетанјаху
Израелските весници, повикувајќи се на американски владини кругови, известуваат дека претседателот Барак Обама е решен да го истера конфликтот со израелскиот премиер Нетанјаху околу новите еврејски населби во арапскиот дел на Ерусалим и преку тоа да провери дали навистина е подготвен за спогодба со Палестинците за решението „две држави за два народа“. Израелскиот весник „Хаарец“ пак пишува дека Нетанјаху подготвува писмен одговор на барањето на Вашингтон да ја ревидира одлуката за дополнителни станови. Експертот Доре Голд не очекува попуштање: „Многу важно е да се сфати кои се кардиналните интереси на државата. Мора да се разговара со соседите, да се поддржуваат иницијативи, но во исто време и да се зачуваат виталните интереси на државата. А Ерусалим спаѓа во нив!“ -порачува експертот Доре Голд, кој спаѓа во советничкиот тим на премиерот.
Автор: Клеменс Ференкоте/Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска