Нова банкнота од 10 евра
13 јануари 2014Главна причина за воведувањето на новата банкнота, според Европската централна банка е во тоа што при нејзината изработка се користи подобра технологија против фалсификување и што таа ќе има подолг век на траење. ЕЦБ минатата година почна со замена на банкнотите во апоени од пет евра. Сега на ред се банкнотите од 10 евра, а подоцна ќе се заменуваат и оние во апоени од 20, 50, 100, 200 и 500 евра.
ЕЦБ новите банкноти ги нарече „Серија Европа“ бидејќи го носат ликот на Европа од грчката митологија, по која Стариот континент и го добил името. Се работи за вазна стара повеќе од 2.000 години од југот на Италија. Таа вазна од една страна се појавува како воден жиг, а на другата како холограмска лента.
Иако последните години не е зголемен бројот на фалсификуваните банкноти, ЕЦБ со воведувањето на новите сака да оди чекор пред криминалците. Но, она што се зголемува е квалитетот на фалсификувањето, вели Лео Клајнханс од германското биро за криминалистика.
„Кога во 2002. беше воведено еврото, веднаш се појавија и фалсификувани банкноти. Но, тие беа примитивни копии“. Подоцна биле развиени методи на печатење со помош на кои фалсификаторите се доближија до оригиналот. Клајнханс очекува дека нешто слично ќе се случува и со новите банкноти. „Вистинските ефекти ќе се видат дури кога во оптек ќе бидат пуштени новите банкноти во апоени од 20 и 50 евра затоа што тие најмногу се фалсификуваат“, очекува експертот.
Освен зголемената сигурност, новите банкноти треба да бидат и постабилни, не кога се работи за нивната вредност, туку за формата. Банкнотите од 5, 10, 20, 50 евра кои се најраспространети често го менуваат сопственикот. Поради тоа нивниот век на траење е меѓу една и четири години. Потоа се повлекуваат од оптек и се уништуваат. Новите банкноти се лакирани со специјален лак и тоа им го продолжува животниот век.
Од тоа би можеле да профитираат и оние кои плаќаат во готовина на автомати, но и оние што ги произведуваат и одржуваат тие автомати. „При воведувањето на новите банкноти во апоени од 5 евра не мина сето без проблеми. На почетокот автоматите не ги препознаваа новите банкноти. Поради тоа имаше проблеми кои ги лутеа потрошувачите“, вели Арис Кашефи од германското здружение на произведувачи и оператори со автомати.
Овојпат ЕЦБ одреди подолг рок за прилагодување на автоматите.
Од друга страна, приоизведувачите и оператерите на автоматите велат дека досега немале проблем со фалсификатори. Кашефи вели дека досега во автоматите не биле уфрлени фалсификувани пари. „Тоа го знаат и фалсификаторите. Фалсификуваните банкноти се користат таму каде што исплатата се врши брзо и каде што има ограничени контроли“, вели тој.