1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху кај Обама: богата реторика, мали напредоци

19 мај 2009

Посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон ја потврди големата разлика во гледањата на двете страни во однос на патиштата за решение на блискоисточниот конфликт. Согласност постои само околу Иран.

https://p.dw.com/p/Ht7L
Барак Обама и Бенјамин НетанјахуФотографија: picture-alliance/ dpa

Барак Обама побара од израелскиот премиер запирање на градењето израелски населби на палестински територии и нови мировни праговори со Палестинците, оти, според него, тоа е услов за да се тргне напред во мировниот процес. На Израел му претстојат „тешки чекори“, напомена Обама.

По двочасовниот разговор во Белата куќа, во изјавите, како и во одговорите на прашањата на новинарите, јасно дојдоа до израз разликите во ставовите:

„Верувам дека е од интерес не само за Палестинците, туку исто така и за Израел, САД и меѓународната заедница, да се дојде до решение со две држави, во кои Израелците и Палестинците ќе живеат едни крај други во мир и безбедност“, уште еднаш недвосмислено го изложи Обама американскиот став и му сугерира на израелскиот премиер дека има историска шанса да направи сериозно поместување во ова клучно прашање. Тој побара од обете страни во конфликтот да се придржуваат кон порано постигнатите спогодби. САД се подготвени засилено да се ангажираат во блискоисточниот мировен процес, нагласи претседателот Обама.

Benjamin Netanjahu und Brack Obama im Oval Office
Констатирани разликите во ставовитеФотографија: AP

Нетанјаху: Израел сака мир со Палестинците

Израел не сака да владее со Палестинците, возврати Бенјамин Нетанјхау:

„Ја споделувам со вас надежта за унапредување на мировниот процес и сакам веднаш да започнам преговори со Палестинците. Сакам да го проширам мировниот круг, вклучувајќи и други од арапскиот свет. Сакаме да живееме во мир со Палестинците“, рече израелскиот премиер. Тој зборуваше за самоуправа на Палестинците, но не и за нивна држава и ни со еден збор не го спомна планот за градење нови израелски населби во Западниот брег, за прв пат по десетгодишен прекин.

Согласност околу спорната иранска атомска програма

Двајцата државници, Барак Обама и Бенјамин Нетанјаху, беа согласни дека Иран не смее да поседува атомско оружје. Обама изрази надеж дека разговорите околу спорната иранска атомска програма ќе донесат решение уште во текот на годинава, а напредокот го очекува по претседателските избори во таа земја. Но, разговорите не можат да траат вечно, нагласи Обама и не исклучи сепак ни промена на меѓународни санкции против Иран. Нетанјаху, пак, повтори дека Иран како нуклеарна сила би претставувал егзистенцијална закана за неговата земја.


Автор: ЗЈ/ЖА/дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска