Нема волја за притисок за името
8 октомври 2010Статус-кво ситуацијата во поглед на разрешувањето на проблемот со името и неотворањето преговори со Европската унија му носи на Ахмети и поголема одговорност:
„Јасно е дека господниот Ахети е клучен фактор во коалицијата во Македонија. Затоа е многу важно како тој размислува, како анализира, важно е и за ЕП и за ЕК и за Советот“, изјави известувачот на Европскиот парламент за Македонија Зоран Талер.
Но, Ахмети се огласи - од него притисок врз премиерот Груевски не треба да се очекува, што не значи дека тој се согласува со владината политика за името:
„Во ниеден момент во ДУИ не е разговарано за опцијата преговори со ЕУ без решено име, или барање преговори со привремената референца. Притоа, во принцип, ставот на ДУИ и на сите партии на етничките Албанци во Република Македонија е дека компромисното име на РМ не треба да содржи етнички референци како што е славомакедонски, ниту пак за нас е прифатлива ПЈРМ“, рече Ахмети.
Зоран Талер смета дека „јавното мислење во Македонија е многу заинтересирано за влез во ЕУ и НАТО, но од друга страна, се гледа дека посилен е делот кој е против секакви преговори со Грција“:
„Се наоѓаме во ќорсокак, пат позиција, кои треба да се разрешат во Македонија, но однадвор многу малку може да се очекува“, дециден е Талер, кој додава дека „Европската Унија ќе стои понастрана од билатералниот проблем со името“. Ни во Европската комисија, ниту во другите релевантни меѓународни институции нема волја да се прави притисок врз Македонија или Грција.
Македонија е оставена сама на себе да го решава дводеценискот спор како знае и умее. Дотогаш ќе остане во чекалницата на ЕУ и ќе ги гледа соседите како напредуваат.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска