Незадоволство и покрај победата
30 март 2009Со 39 проценти гласови „Партијата на правда и напредок“ е прва во градските собранија и го освои најголемиот дел гласови во општините во Анадолија и големите градови, како што се Истанбул и Анкара.
На второ место, со 23 проценти гласови е секуларната Републиканска народна партија (ЏХП) на Дениз Бајкал, на која од големите градови и‘ припадна Измир, егејското крајбрежје и цела источна Тракија, додека на трето место е Партијата на националистичкото движење (МХП) на Девлет Бахчели, со 16 проценти освоени гласови. Од другите партии, забележителен успех оствари и прокурдската Партија на демократското општество (ДТП) која на југоистокот на Турција ги освои градовите и општините чие мнозинско население го сочинуваат етничките Курди.
Ердоган не е задоволен
Иако партијата на премиерот Ердоган и овојпат освои најмногу гласови, таа забележа назадување за повеќе од два процента во однос на локалните избори од 2004-та година и дури 7,5% помалку споредено со резултатите од последните парламентарни избори. Самиот премиер Ердоан, во првото синоќешно обраќање по изборите, изјави дека од аспект на неговата партија не е задоволен од резултатите на локалните избори и најави преземање мерки кои од одделни коментатори беа протолкувани како најава на кадровска ревизија во партиското раководство.
“Не сум задоволен со резултатот. Загубивме 1 – 2 поена. Со другарите во партијата ќе седнеме и ќе разгледаме каде се недостатоците и ќе ги елиминираме“, изјави Ердоан.
Неделните локални избори во Турција делумно беа во сенка на крвавите инциденти што се случија на југоистокот на земјата, во општините каде што претежно живее курдско население и каде што во меѓусебните пресметки на ривалските групи околу кандидатите, животот го загубија 7 лица, а 97 се ранети.
Автор: Исмет Кочан
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска