Навивачите незадоволни од новите германски дресови
13 ноември 2013Германскиот „елф“ на Светското првенство во Бразил следната година ќе игра фудбалски балет во бело. Веројатно тоа е замислата на дизајнерите и креаторите на новиот дрес. Но, новиот изглед ги подели навивачите и јавноста.
„Далеку е поважно кој е и што прави во дресот и дали дава голови“, вели поранешната светска првенка во уметничко лизгање Катарина Вит, која исто така се вклучи во широката дебата за дресовите на репрезентацијата.
На седум месеци пред почетокот на првенството, двајца репрезентативци Томас Милер и Јулијан Дракслер направија мала реклама за дресот. Го претставија за време на возење со автобус низ центарот на Минхен, и често наидуваа на вакви коментари: „Белава боја малку збунува. Мојот син мисли дека се работи за некоја друга репрезентација“, велeа дел од граѓаните.
Во секој случај, на членовите на стручниот штаб и на фудбалерите им се допаѓа новиот изглед.
„Мене ми се допаѓа затоа што е нешто сосема ново, поинакво од она што го имавме досега“, вели тренерот на голманите Андреас Кепке. Тоа мислење го делат и играчите. „Одлично е што сѐ е бело, од штуцните до маичките“, вели капитенот Филип Лам.
Вносен бизнис
Одамна веќе дресовите на германските репрезентативци не се само обична работничка облека, туку тежнеат да бидат и „израз на времето“. Но, пред сѐ, се работи за вносен бизнис, па оттука е и големата „одушевеност“ на фудбалерите од дресовите.
Целта на Германската фудбалска репрезентација е да продаде што повеќе дресови и на нив, се разбира, да заработи. Новиот дрес чини околу 80 евра, а 20 евра помалку е детската верзија.
За време на СП 2006, кое се играше во Германија, беа продадени 1,5 милиони дресови на домашната селекција, а четири години подоцна за СП во Јужна Африка бројката достигна 1,2 милиони продадени дресови. А, секој кој сака да изгледа како и неговите миленици на теренот, едноставно мора да го има најновиот дрес.
Она што најмногу ги возбуди „духовите“ сепак се промените во изгледот и концепцијата на дресовите. Белата маичка има долга традиција и во неа германската репрезентација игра речиси 100 години. Уште од првиот настап на СП во 1934. и црните шорцеви се заштитен знак на германската репрезентација. Но, во Бразил избраниците на Јоаким Лев за титулата ќе се борат облечени комплет во бело. Токму тоа предизвика најголеми реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Германците се жалат дека нивната репрезентација со промените станува непрепознатлива.
Нов елемент е и графиката на градите составена од црвени нијанси кои ќе го симболизираат германското знаме. Се разбира тука остануваат и трите звезди како потсетник на трите титули светски првак од 1954, 1974 и 1990 година.
Премиерата на новите дресови е најавена за пријателскиот меч против Италија закажана за в петок (15.11.2013).