Мирно и без многу импровизации
3 март 2009Стартот на изборната кампања се одвиваше во мирен амбиент. Речиси сите седуммина кандидати за претседател на Македонија во своите настапи ги отворија главните прашања, кои ќе ја одбележат оваа кампања. Заеднички именител за сите е НАТО и ЕУ. Разликите се во методите, кои ги предлагаат кандидатите за тоа како да се стигне до членство во овие организации. Универзитетскиот професор, Мерсел Биљали истотака смета дека кандидатите најмногу ќе се фокусираат на процесот на евро-атлантско интегрирање.
„Тоа практично станува централна тема, која ги засега и Албанците“, вели Биљали.
Од друга страна сенката на грчко-македонскиот спор за името лебди над секој изборен митинг. Сите кандидати се позиционираа. Опозицискиот СДСМ на митингот во Прилеп повторно ја истакна критиката за владината политика на „антиквизација на Македонија“ и застојот во преговорите меѓу Скопје и Атина за надминување на спорот за името. Професорката Јасна Котевска оценува дека факт е оти во земјата се води политика, која разединува меѓу „Македоноиди“ и „Македонци“, што на кратки патеки е лоша идеја, а на долги патеки неоперативна.
„Тоа е лоша идеја на кратки патеки, бидејќи очигледно разединува и води кон изолација“, вели Котевска.
Кој многу импровизира, губи
На почетокот на кампањата експертите забележуваат дека нема многу импровизација во настапите на претседателските кандидати. Сашо Пешев директор на агенцијата „Њу момент“ вели дека очигледно изборните штабови и „Пи Ар-агенциите“ нема да допуштат премногу импровизации од страна на кандидатите.
„Имаше неколку искуства во Македонија, во кои кандидатите одбиваа да работат со штабовите и често импровизираа за време на настапите. Тие кандидати најчесто ги губеа изборите или пак беа доведувани во теснец и испровоцирани“, истакнува Пешев.
Иако станува збор за паралелна кампања за претседателските и за локалните избори, засега во сенка на кандидатите за претседател се кандидатите за градоначалничките и функциите во локалната самоуправа. Граѓаните главно имаат можност да ги слушаат претседателските кандидати. Локалните проблеми се во втор план. „Граѓаните не се свесни дека тие можат да влијаат врз процесот на креирање политики на локално ниво“, коментира Марија Ристовска од Центарот за креирање политики, невладина организација со седиште во Скопје.