Меркел сака нов ЕУ-договор
26 август 2012Според информации на магазинот „Шпигел“, целта на германската канцеларка Ангела Меркел е шефовите на држави и влади на ЕУ да се договорат околу таканречен Конвент уште до крајот на годинава. Тоа тело потоа би работело на основите за нов ЕУ-договор, изјави советникот на канцеларката за европски прашања, Николаус Мејер-Ландрут. На тој начин Фискалниот пакт за поголема буџетска дисциплина, кој е веќе договорен, би се проширил со политичка унија. Резултатот од сето тоа би бил - можност за потесно координирање на одделните државни буџети на земјите членки на Унијата.
Кога Конвентот би почнал со работа би се одлучило на самитот на ЕУ во декември. Сепак, како што се вели, досега ваквите намери на германската влада наидуваат повеќе на отфрлање кај останатите земји на ЕУ, отклку на одобрување. На неодамнешна средба на десетмина министри за надворешни работи на ЕУ, мнозинството го отфрлило ваквиот предлог на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, се вели во извештајот на „Шпигел“. Дел од земјите, како Ирска, стравуваат од ризикот од референдум, кој би бил неопходен доколку е потребен нов ЕУ-договор, а и блиските сојузници на Германија, како Полска, се против, затоа што тие гледаат мали шанси за компромис меѓу 27-те земји членки на Унијата околу ваков еден предлог.