1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

091210 Israel Ossietzky-Medaille

12 декември 2010

Секоја година, Меѓународната лига за човекови права во Берлин го доделува медалот „Карл фон Осиецки“. Медалот се доделува за заслуги во одбраната на човековите права. Годинава добитник е Израелецот Мордекаи Вануну.

https://p.dw.com/p/QWQZ
Мордекаи Вануну по излегувањето од затворФотографија: AP

Израел не дозволува Мордекаи Вануну познат како „атомскиот шпион“ да излезе од земјата. Пред шест години тој беше ослободен од затвор. Од 18-те години поминати во затворот во Ашелон, речиси 12 ги мина во строга изолација. Кога го напушти затворот, го чекаа стотици новинари, пријатели и поддржувачи, но и луѓе кои протестираа против него. Вануну со раката покажа знак за победа и рече:

„Јас сум Мордекаи Вануну, човекот кој стои зад написот во ’Сандеј Тајмс’ од 5 октомври 1986 година. Написот е за атомското оружје на Израел.“

Вануну беше осуден поради тоа што ја издаде најдобро чуваната тајна на Израел - во т.н. „Текстилна фабрика во Димона“ се произведувало атомско оружје. Вануну, кој во Димона работел како техничар, на „Сандеј Тајмс“ му предаде документи и фотографии кои ги направил тајно. Од материјалот, експертите заклучија дека Израел располага со најмалку 200 атомски боеви глави.

Mordechai Vanunu freigelassen
„Јас сум Мордекаи Вануну, човекот кој стои зад написот во ’Сандеј Тајмс’“ , рече по 18 години затворФотографија: AP

Слободен, а не е!

Поради тоа што ја издаде тајната, Вануну беше намамен од страна на израелската тајна служба од Лондон во Рим и таму беше киднапиран и однесен за Израел, каде беше осуден.

И по одлежувањето на казната, Вануну не може да ужива во животот на слобода. До денес тој не смее да зборува со странци или да има контакт со новинари, или пак со странски амбасади. Тој не смее да има имејл адреса, ниту мобилен телефон. Според Меѓународната лига за човекови права, тоа се јасни прекршувања на човековите права.

Автор: Бетина Маркс / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска