1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик и идентитет не се под прашалник

10 април 2010

Македонскиот јазик и идентитет се реалност, без оглед на чие било проблематизирање - ставови на професори и лингвисти од повеќе држави, учесници на конференцијата за англистика на Штуловиот универзитет во Тетово.

https://p.dw.com/p/MsXj
Научна конференција во ТетовоФотографија: DW

„Македонскиот јазичен и културен идентитет се несомнен дел на европската реалност, наспроти грчките негирања. Европската унија треба да го почитува и признае официјално тој факт, кој не можат да го побијат ниту политиката, ниту политичките партии, ниту кој било поединец,“ ова се коментарите на дел од експертите за англиски јазик, дадени за Дојче веле на маргините на вчера (09.04.10) започнатата тридневна меѓународна научна конференција на Штуловиот универзитет во Тетово во врска со актуелните трендови во предавањето и учењето на англискиот јазик во светот. На конференцијата учестуваат 35 лингвисти од повеќе држави од три континенти.

„Недемократски и нецивилизациски е дискриминирањето на македонскиот јазичен идентитет“

Запрашан како го коментира грчкото негирање на македонскиот јазик и култура, на македонскиот национален идентитет, Ендрју Гудспид, професор на Универзитетот во Мичиген, САД, како и на Штуловиот во Тетово вели: „Апсолутно, тоа не е ниту демократски, ниту цивилизациски, тоа е спротивно на природата на јазикот, кој функционира како средство за комуникација. Отсекогаш постоеле вакви искуства на дискриминирање одделни јазици, што не ретко го прават и владите на државите“.

Andrew Goodspeed - University Michigan
Ендрју ГудспидФотографија: DW

Тој дополнува: „Јас сметам дека македонскиот јазик секако постои, што се согледува и од секојдневните интеракции во оваа држава.“

Ја прашавме Клер Валис од Факултетот на современи јазици во Универзитетот во Калјари, Италија: дали оспорувањето на еден јазик значи и негирање на европскиот концепт, базиран врз јазичната различност на европскиот континент? Таа одговара: „Апсолутно, важен е секој јазик, важно е постоењето на сите јазици. Овде, на Сардинија, каде што живеам и работам, се почитува и одржува постоењето и само на еден дијалект - сардинискиот со пари од регионалната влада и од европските фондови, а што да кажеме, пак, за еден цел јазик - македонскиот, кој е од исклучителна важност.“

„Секој јазик треба да биде признат како посебен со сите свои вредности што ги има“

Доктор Лорна Карсон од Тринити колеџот од Даблин, Ирска, дополнува: „Јас го поддржувувам целосно признавањето на секој јазик во Европската унија и на практично ниво. Ние во Ирска бевме многу среќни кога нашиот, ирски јазик беше признат како официјален во рамки на Унијата и затоа сметам дека секој јазик треба да биде признат како посебен со сите свои вредности што ги има. Европскиот лингвистички диверзитет е факт. Сите јазици треба да се почитуваат.“

Dr. Lorna Carlson von Trinity College in Dublin
Д-р Лорна КарлсонФотографија: DW

Надја Мифка-Профозич, професорка на Одделот за применети лингвистички студии на Универзитетот во Оукленд, во Нов Зеланд, е категорична: „Постоењето на македонскиот јазик е факт, македонскиот јазик и македонската култура не може да ги негира никој - ниту политиката, ниту политичките партии, ниту кој било поединец.“

„Меѓу јазичарите нема никакви дилеми за македонскиот јазик и националниот идентитет на македонскиот народ“

Universität von Tetovo, Mazedonien
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Вероника Карева, директорка на Центарот за јазици на Штуловиот универзитет, на следниот начин ги сумира искажувањата на консултираните експерти, но и на некои други, во врска со проблематизирањето на македонскиот јазичен и национален идентитет на патот на Република Македонија кон нејзиното интегрирање во ЕУ: „Самиот факт што конференцијата се одржува во Македонија, во Тетово, секако значи и афирмација на нашите локални јазици - македонскиот и албанскиот. Меѓу нас, јазичарите, нема воопшто никаква дискриминација во однос на тоа каде е македонскиот јазик, како не нарекуваат, кој е нашиот идентитет. Тоа не постоело никогаш, а ни сега. Без дилема, тоа е факт дека македонскиот јазик се третира како еднаков со другите светски јазици, каков што е, да речеме, англискиот.“

Оваа меѓународна научна конференција во Тетово продолжува денес и утре со предвидените дебати.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска