1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копнена офанзива на американските сили САД врз Фалуџа

17 октомври 2004
https://p.dw.com/p/AcKU
Американски маринец кај Фалуџа
Американски маринец кај ФалуџаФотографија: AP

Американските сили се уште не ги остварија заканите дека ќе спроведат голема копнена офанзива за да го скршат отпорот на востаниците во градот Фалуџа. Но, денеска за прв пат упатија тенкови и стрелаа врз позиции на забарикадираните бунтовници во источниот дел на градот оддалечен само 50 км од Багдад. Тие, пак, возвратија со против-тенковски гранати и минофрлачки оган.

Американските и ирачките сили го затворија обрачот околу Фалуџа уште пред два дена и воспоставија потполна блокада. Еден од сунитските верски лидери сигнализираше дека преговарачката делегација на градот е подготвена на разговори со централната влада во Багдад. Услов за тоа меѓутоа е прекин на американските воздушни напади, кои продолжија и минатата ноќ, како и пуштањето на слобода на лидерот на делегацијата, кој беше уапсен во петокот. Преговорите беа прекинати уште во четвртокот, бидејќи делегацијата на Фалуџа нагласила оти не е во состојба да го испорача топ терористот Абу Мусаб ел Заркави, како што тоа го бара владата на премиерот Ијад Алави.

Голем дел од локалното население смета дека наводната потера по Заркави е само добар изговор за ставање на Фалуџа под контрола на централаната власт по секоја цена. Востаниците го контролираат имено овој град уште од април, а во него симболично почна и првиот оружен отпор по паѓањето на режимот на Садам Хусеин.

Во меѓувреме и американската војска и ирачката преодна влада ги демантираа информациите на кувајтската новинска агенција КУНА дека американските маринци всушност веќе го нашле и го уапсиле Заркави.