Комеморација за Борис Елцин
25 април 2007Церемонијата се одржа во обновената црква на Христос Спасителот во близината на Кремљ. Решавачко влијание за нејзиното повторно подигање на местото каде што во комунистичко време стоеше голем базен, имаше токму Елцин.
Во името на рускиот Патријарх Алексеј Втори, кој беше спречен да присуствува, митрополитот Јувенали му упати изрази на сочувство на актуелниот руски претседател Владимир Путин. Меѓу високите гости од земјата и од странство се најдоа и германскиот претседател Хорст Келер, како двајца од поранешните американски претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш сениор. Почит на контроверзниот руски претседател му одаде и Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз, кого Елцин го смени од челната позиција.
При оддавањето почит на Борис Елцин со една минута молчење во рускиот парламент, пратениците на Комунистичката партија, јавно го бојкотираа повикот на претесдателот на Думата. “Никогаш нема да му одадеме почит на уништувачот на нашата татковина“ изјави еден од пратениците Виктор Иљушин. Голем број Руси и ден денес го обвинуваат Елцин дека во времето од 1991-та до 1999-та додека беше на власт го прокоцкал статусот на Русија како светска супер сила и дозволил да се создаде стопански хаос.
Наспроти тоа вчера пред отворениот ковчег на Борис Елцин минаа преку 20.000 граѓани. Неговото конечно почивалиште ќе биде на Новодевствените гробишта во центарот на Москва, каде се и гробовите на повеќе истакнати руски уметници и творци. Семејството на Елцин замоли тој да не биде погребан под ѕидините на Кремљ, каде што почиваат најголемиот дел од досегашните руски претседатели.