1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски на аудиенција кај папата

ДТЗ
23 мај 2022

Македонскиот премиер му подари на папата рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со охридси бисер и филигран

https://p.dw.com/p/4Bizc
Vatikan I Papst I Neue Heilige
Фотографија: Remo Casilli/REUTERS

По повод одбележување на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, македонскиот премиер Димитар Ковачевски со владина делегација во рамките на посетата на Рим и Ватикан имаше тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај Папата Франциско. Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на Северна Македонија во 2019 година која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска. Притоа му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.

„За време на разговорот на средбата со Папата Франциско беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа“, соопштија од Владата.

На средбата било истакнато дека Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза. на средбата со папата била поздравена иницијативата за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во земјата и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

Heiliger Kyrill und Method Ikone
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година во РимФотографија: picture-alliance/dpa

„На средбата беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство“, се вели во соопштението на Владата.

Бугарската делегација на божествена литургија

Во Ватикан денеска присуствува и бугарска владина делегација, предводена од премиерот Кирил Петков, која се поклони пред гробот на Св. Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим и присуствуваше на божествена света литургија во базиликата. 

„Длабока почит на св. Кирил Филозоф - творец на бугарската азбука! Во пресрет на 24 мај, големиот ден на бугарската духовност, да потсетиме дека наше е да ја чуваме традицијата на светите браќа Кирил и Методиј“, истакна Петков. 

Ковачевски и Петков е планирано да имаат средба во попладневните часови.