Клинтон најавува: дипоматија наместо војна
14 јануари 2009Новата американска надворешна политика нема да се потпира врз закоравена идеологија, туку врз принципи и прагматизам, порача Хилари Клинтон пред колегите од американскиот сенат, на кој и таа се’ уште му припаѓа.
„Наша цел ќе биде да создадеме свет во кој Америка ќе има повеќе партнери, а помалку непријатели. Америка не може сама да ги реши итните светски проблеми, но исто така ни светот не може да ги реши проблемите без Америка“.
Затоа идната влада на САД ќе и’ даде предност на дипломатијата пред воените решенија. Тоа не значи откажување од воените средства, тие ќе бидат и понатаму нужни, но само како крајно средство за да го заштитиме нашиот народ - порача Хилари Клинтон. Ова се однесува и на Иран, каде што воената опција не е исклучена, бидејќи САД со загриженост гледаат на иранската поддршка за меѓународниот тероризам, како и на нуклеарните амбиции на таа земја.
„Ниту една опција не е отстранета...“, порача Хилари.
Напори за решавање на конфликтот на Блиски Исток
Идната шефица на Стејт департментот се осврна и на акутно разгорениот конфликт на Блискиот Исток, нагласувајќи дека новата администрација во Вашингтон на чело со претседателот Барак Обама ќе ги вложи сите можни напори за да го прекине конфликтот меѓу Израелците и Палестинците.
„Избраниот претседател и јас имаме разбирање и длабока симпатија за желбата на Израел да се заштити од ракетите на Хамас. Исто така, загрижени сме за трагичната хуманитарна ситуација и страдањето на палестинските и израелските цивили. Тоа само треба да ги засили нашите настојувања за склучување на мировен договор, што ќе им донесе реална сигурност на Израелците и нормални односи со соседите, како и независност, економски просперитет и сигурност на Палестинците во нивна држава“.
Пријателски односи со Европа
Хилари Клинтон пред Одборот за надворешна политика на американскиот сенат се изјасни и за продлабочување на традиционално доверливите односи со Европа. Иако разликите во мислењата се неизбежни, таа најави дека новата американска администрација ќе им подаде рака на Европејците, притоа именувајќи ги посебно Германија, Франција и Велика Британија, како и новите демократии од источна Европа. Конечно, Клинтон најави дека има намера да соработува со Русија и со Кина, особено на полето на економијата, меѓународната безбедност и неширењето на атомското оружје.