1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина и Индија на африканскиот континент: нов грабеж?

12 јануари 2007

Во западните медиуми Африка најчесто се портретира како загубен континент. Извештаите најчесто се ограничуваат на глад и војни, или на неколкуте успешни развојни проекти. Меѓутоа, откако Кина и Индија настапуваат на светските пазари како нови моќни конкуренти, Африка повторно се враќа во фокусот: како лиферант на суровини и резервен пазар. На што се должи новиот интерес?

https://p.dw.com/p/AeJi

Новиот интерес на земјите во налет како Кина и Индија кон Африка веќе влијаеше позитивно во многу обалсти. Пораснаа цените на суровините, а со тоа и приходите на многу африкански земји. Преку новата конкуренција производите и капиталот можат да се добијат поповолно. Но, остана главниот проблем, како што вели Татјана Чахуд од Германскиот институт за развојна политика: со новиот економски растеж автоматски не доаѓа и пораст на развојот во Африка:

„Се знае дека во суровинските економии доминира заработувачката на елитите и дека постои голема корелација со корупцијата. Вториот важен аспект што мора да се спомне е улогата на Кина и Индија како потенцијални конкуренти за извоз„.

Обезбедувањето резервни пазари и енергија, за Кина како и за Индија е значаен фактор за сопствениот развој, подвлекува експертот за Кина, Венпинг Хе, професорка на институтот за западно-азиски и африкански студии, од кинеската академија за социјални науки:

„Од 1990 година во Кина официјално беше најавена стратегијата за настап кон надвор. Зошто? Затоа што за кинеските фирми постои силна конкуренција во сопствената земја. Глобализацијата беше неопходност. И тука не станува збор само за Африка, туку за настап во целиот свет„.

Како еден од мостовите за кинеската стратегија кон Африка важи Судан. Кина инвестираше милијарди евра за да црпи нафта и да извезува. А, оваа африканска земја спаѓа меѓу најсиромашните во светот. Истовремено, во главниот град Картум владее златна горзница. Од пустината, еден по друг, никнат новоградби. Јавна тајна во Судан е дека новите богаташи милионските приходи од нафтата ги ставаат во сопствените џебови. Суданската опозиција со чудење констатира дека при објавувањето на државниот буџет, владата свесно ги заборави приходите од производството на злато и нафта. Така никој не може да контролира колку државни пари се исчезнати, смета Алфред Табан, издавачот на независниот весник „Монитор„ кој важи за најпознат критичар на режимот. Тој го оценува кинескиот ангажман во Судан како уништувачки:

„Кинезите дојдоа кога во јужниот дел на Судан имавме граѓанска војна. Во 1999 година почнаа да произведуваат и да извезуваат нафта. Кому помагаа овие ресурси? Стотици села во Јужен Судан беа срамнети со земјата. Нурите беа протерани и најчесто убивани, за Кинезите да можат да црпат нафта. Оваа нафта беше добиена со крвта и потта на Јужните Суданци. Ако денес ги прашате луѓето што мислат за Кинезите, тие збеснуваат„.

Времињата кога Кина и Индија го поддржуваа африканскиот континент во анти-колонијалистичката борба, одамна се минато, оценува експертот за развој Кифлемаријам Гебреволд од Етиопија. Денес секоја земја ги застапува само своите интереси:

„На Индија и беше важно кога стануваше збор за неврзаните земји. Кина беше многу важна во времињата на ослободителните движења. Има малку некое африканско движење што во одредено време не се нашло во Кина. Тоа мора да се признае од историкси аспект, но тоа време мина, а ние мораме да се прилагодиме на новите околности. Но, тука владеат други правила. Многу африкански држави, многу влади се уште оваа промена не ја сфатиле. Не станува збор за вина на Кинезите или Индусите. Тие ги застапуваат своите инетерси. Меѓутоа, времето на невразните е минато. Сега африканските држави мораат да направат своја дефиниција за сопствените инетерси„.