Ирачкиот премиер бара повеќе американско оружје
2 ноември 2013За средбата на американскиот претседател Барак Обама и ирачкиот премиер Нури ал-Малики беа преземени екстремно големи безбедносни мерки во Вашингтон. По 90-минутниот разговор во Белата куќа, Обама рече дека разговорите се воделе околу борбата против терористичката мрежа Ал Каеда. Тој му ветил на ирачкиот премиер поддршка за создавање демократски Ирак, во чија политика и општество ќе бидат подеднакво вклучени сите етнички групи.
Во заедничкото соопштение од средбата се вели дека на ирачката армија „и‘ е неопходна дополнителна воена помош“ во борбата против Ал Каеда и другите групи кои соработуваат со нејзе.
Ал Малики на Обама му доставил листа со желби за модерно оружје кое би сакал да го има неговата земја, како воени хеликоптери и беспилотни летала. Членови на американската администрација и дел од сенаторите, меѓутоа, нагласуваат дека Ал Малики со својот стил на раководење, кој станува се‘ поавтократски, и самиот придонесол за ескалација на насилството во Ирак.
Само во октомври годинава, во напади во Ирак загинаа 964 лица, а повредени се околу 1.600. Насилството е особено во пораст од јануари годинава, поради борбата за превласт меѓу Ал Малики и сунитската опозиција, која го обвинува премиерот за авторитарен стил на раководење и дискриминација. Екстремистичките групи кои имаат врски со Ал Каеда ја користат тензичната ситуација за да регрутираат борци во Ирак и да извршуваат напади.