1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилени дипломатски активности на Блискиот исток

1 декември 2006

Примирјето во Појасот Газа, што се‘ уште се одржува на сила од почетокот на неделава, очигледно ја поттикна меѓународната заедница на засилени напори за заживување на блиско-источниот мировен процес.

https://p.dw.com/p/AdvN
Франк Валтер Штајнмајер на куса пауза по отворањето на Конференцијата на брегот на Мртвото море
Франк Валтер Штајнмајер на куса пауза по отворањето на Конференцијата на брегот на Мртвото мореФотографија: AP

Денеска тие се во фокусот на вниманието и на редовната годишна конференција меѓу претставници на Г-8, Групата седум најразвиени земји и Русија, од една страна и од Блискиот исток, од друга. Во туристичкото место близу јорданскиот град Аман денеска на почетокот од средбата на колегите им се приклучи и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер.

За шефот на дипломатијата на земјата што од 1. јануари го презема

претседателствувањето со ЕУ и со Групата Г-8, конференцијата на брегот на Мртвото море е добродојдена прилика да размени мислења за ситуацијата на Блискиот исток со колегите од клучните меѓународни играчи. Меѓу другото Франк Валтер Штајнмајер се среќава со шефицата на американскиот Стејт департмент Кондолиза Рајс, рускиот ресорен колега Сергеј Лавров, како и политичари од регионот. За Штајнамјер тоа е иделна прилика да се информира од прва рака за позициите на колегите во врска со најновата мировна иницијатива за Блискиот исток пред да продолжи на четиридневна турнеја по земјите од регионот.

Веќе попладнево тој треба да се сретне со високи претставници на Палестинците, меѓу кои и главниот преговарач Саеб Ерекат. Утре е предвидена средба со палестинскиот Претседател Махмуд Абас, со кого пак вчера разговараше министерката за надворешни работи на САД, Кондолиза Рајс. Таа на средбата се заложи за проширување на примирјето меѓу Палестинците и Израелците од Појасот Газа на Западниот брег на реката Јордан. И на разговорите со израелскиот премиер Ехуд Олмерт во Ерусалим Рајс истакна дека светската супер сила посакува примирјето да се стабилизира и да се прошири. Се надевам дека ќе успееме да го искористиме овој поволен момент за настојувањата за мир врз основа на формулата за две самостојни држави на Палестинците и Израелците.

“На патот кон решението за две држави треба да им дадеме на Палестинците можност да имаат контрола врз нивната судбина и живот. При тоа мора да нагласиме дека има добри палестински водачи кои се определени за мир, за демократија, за безбедност на палестинскиот народ и неговите соседи, како што е тоа претседателот Абу Мазен.“

Шефицата на Стејт департментот истовремено предупреди од преголеми надежи за брз пробив, нагласувајќи дека за овој процес е потребно време.