1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за градба ја подели јавноста

26 декември 2009

Експертската јавност и локалните власти во Македонија жестоко се спротивставија на новиот Закон за градба. Најспорен е членот од законот што предвидува конфискација на имотот, на кој ќе се затекне дивоградба.

https://p.dw.com/p/LDuO
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Експертите во Македонија наведуваат, доколку Владата навистина почне да го спроведува новиот Закон за градба, тогаш под удар на ригорозни санкции, што значи пред конфискација, ќе се најдат стотици илјади објекти. Тие во изминатите децении биле изградени без соодветна дозвола или надвор од дозволените граници.

Од овие причини професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев, неодамна поведе иницијатива пред Уставниот суд за укинување на спорните одредби од законот за градба. „Се надевам дека Уставниот суд нема да има дилеми за ова еклатантно кршење на Уставот и дека кога ќе дојде ред едногласно ќе поведе постапка за укинување на спорните одредби,“ вели Грчев.

Грчев: Законот е спорен од повеќе аспекти

Прво, тој е ретроактивен, што значи дека под санкција ги става сите досега изградени објекти, со што внесува голема доза на неизвесност и чувство на можна вина кај сите граѓани. Имено членот 138 од Законот утврдува вина кај сите граѓани доколку се утврди разлика меѓу изградената површина и добиената дозвола за градба. Тоа значи дека граѓаните што купиле објекти, што биле претходно изградени, не можеле да знаат, дека имаат објект што може да се најде под удар на законот. Вториот аспект е дека овој закон не се носи со проблемот на бесправната градба, туку ја искористува бесправната градба за одземање на легално стекнатиот имот на граѓаните. Со членот 138 не се конфискува бесправо изградениот имот, туку легалниот имот, што се нашол во градежната парцела во рамки на нелегалната градба. Легалниот објект, што е предмет на конфискување, може да има и 1.000 квадрати, а нелегалниот имот само еден квадрат, и повторно да биде одземен целиот имот.

Mazedonien Land und Leute
СкопјеФотографија: DW

Третиот аспект, според професорот Грчев, е практично дискрецијата што инспекторот и со тоа државните власти ја имаат кога ќе одлучуваат кој објект ќе падне под оваа санкција. „Мислам дека неговата намена била специјална. Неколку објекти што власта ги намерила да ги конфискува и со тој пример да обезбеди уште поголем ефект- да го застраши целокупното население дека секој може да биде жртва, ако не биде добар, и ако не се однесува онака, како што на власта и одговара,“ објаснува Грчев.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој го изготви и бранеше законскиот проект пред јавноста, и натаму тврди дека законот е добар. Околу иницијативата за укинување на негови одредби, тој пред извесно време изјави: „Легитимно право на секој граѓанин на Македонија е да достави иницијатива до Уставниот суд.“

Градоначалниците изразија резерва за новиот Закон

Законот наиде на неодобрување и од страна на градоначалниците, кои на неколку свои трибини изразија резерви околу неговата спроведливост во општините. Најдалеку отидоа градоначалниците на општините во кои се претпоставува дека има најголем број бесправно изградени објекти во Македонија.

Тие најавуваат дека нема да го спроведуваат законот: „Тешко е да се спроведе такво нешто, а и да се спроведе на крајот ќе дојдеме до тоа, дека е дивоградба и општината нема да има корист од тоа,“ објаснува градоначалникот на Чаир Изет Меџети. Неговиот колега градоначалникот на Гостивар Руфи Османи дополнува: „Ние не сме толку богати за да се ставиме во директен конфликт со нашите граѓани.“

И доскорешниот заменик министер за транспорт и врски, Скендер Палоши, кој сега го предводи секторот за урбанизам во општина Тетово, смета дека општините ќе се доведат во апсурдни ситуации да гонат некого што изградил објект без одобрение, кој становите ги продал, а потоа ја затворил фирмата. Зошто во такви ситуации да страдаат граѓаните што ги купиле становите? прашува тој. Такви примери ќе има многу, вели Палоши.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска