1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Ние тоа никогаш не би им го направиле на Бугарите

ЕМФ
22 октомври 2020

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска уверуваше дека се прави се‘ за наоѓање решение за проблемот со Бугарија околу јазикот и рече дека не верува оти постои нов подобар договор со Софија.

https://p.dw.com/p/3kJ8u
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

„Ќе направиме се’ за што е можно побрзо наоѓање решение, затоа што пријателите си помаѓаат меѓусебно“, ветува македонскиот премиер Зоран Заев. Тој е уверен дека „согласно европските принципи, европските вредности, постои решение навистина за се’“.

Заев вели дека сите капацитети се вложени за изнаоѓање на решение на проблемот со Бугарија и за одржување на првата Меѓувладина конференција за преговори со ЕУ, но сепак не исклучува дека е можно да се случи и „да не се продолжи со овој чекор токму сега, до крајот на декември“:

„Знаете дека одлуката е консензуална, секоја земја членка може да стави на некој начин ограничување на продолжувањето на процесите, но искрено верувам дека тоа не е во интерес ниту на бугарскиот народ ниту на премиерот Борисов.“

Повеќе:

„Бодликава жица“ пред македонскиот јазик?

Софија: Северна Македонија да престане да се претставува како жртва во Брисел

Каракачанов, „вентилаторот“ и црвените атоми

Македонскиот премиер додаде дека се прават напори да „не се подгреваат непријатности“ и рече дека се надева оти и бугарската страна ќе прави напори „заради тоа што не само што сме пријатели, туку зборуваме многу често за братски народи“.

„Ние, како Македонци, или целиот наш народ, тоа никогаш не би му го направиле на нашиот сосед и на нашите браќа и пријатели Бугари и верувам дека тоа и така ќе се случи. Затоа правиме напори... Секогаш е добро предвреме да се решаваат работите, а не да се оставаат за понатаму. Но, како што реков, можеме да го решаваме и да го решиме овој проблем, можеме да оставиме и за понатаму, барем дел, ако нешто не е дорешено, да се дорешава“, рече Заев, додавајќи:

„Постојат соодветни алатки за решение на ова прашање, а тоа да не биде договор на договор. Имаме одличен договор. Овој договор беше и основата за постигнување на Преспанскиот договор. Во самиот договор имаме храбри исчекори на двете страни... Не верувам дека постои подобар договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија што би можел да се постигне и верувам дека тоа го знае и бугарската страна.“

Nord-Mazedonien Pressekonferenz in Skopje
Фотографија: Government of North Macedonia

Прес-конференцијата на Заев, на која беа присутни и заменик претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, се одржа по онлајн-средбите со Високиот претставник за надворешна политика и безбедносни прашања и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателот на Европски парламент, Давид Сасоли и со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји. Според Заев, на разговорите со сите соговорници била изразена надеж дека ќе се усвои Рамката за преговори со ЕУ на почетокот на идниот месец, по што би следувала и првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава.