„Забраната за влез на Грас во Израел е популистичка“
9 април 2012Поранешниот израелски амбасадор во Германија Ави Примор одлуката на израелската влада да му забрани влез во земјата на Гинтер Грас ја нарече претерана и популистичка. „Мислам дека министерот за внатрешни работи не разбира ништо за Германија“, изјави Примор за главниот дневник на германскиот радиодифузен сервис. „Тој води внатрешна политика и тоа го сметам за погрешно. Не сметам дека Гинтер Грас е антисемитист. Знам за што зборувам“, изјави Ави Примор за АРД. Тој истовремено ја критикуваше и спорната песна на Гинтер Грас „Она што мора да се каже“, во која нобеловецот му префрла на Израел дека го загрозува светскиот мир и пишува дека Иран е загрозен од нуклеарен превентивен напад од страна на Израел. Тврдењето во песната дека Израел сака да го „избрише“ Иран е смешно, оценува Примор и додава дека загриженоста на израелската влада оти Иран би можел да работи на нукеларно оружје е оправдана.
Вчера (08.04) израелскиот министер за внатрешни работи Ели Јишаи изјави дека доколку Гинтер Грас „и натаму сака да ги шири неговите извртени и лажливи дела, предлагам тоа да го прави од Иран“. Забраната за влез на Грас во Израел е донесена врз основа на еден закон кој на владата и‘ овозможува да им забрани влез во земјата на поранешни нацисти. Грас пред неколку години призна дека како 17-годишник, во последните месеци од Втората светска војна, бил припадник на нацистичките Ес-Ес единици.
Поради песната Гинтер Грас во Германија и во странство беше соочен со обвинувања за антисемитизам. Нобеловецот се бранеше и ги обвини критичарите дека водат кампања против него.