1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живееше и говореше со речникот на верниците и обичните граѓани

Александар Чомовски26 февруари 2007

Во Скопје денеска, по повод тригодишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, се одржува меѓународен лидерски форум „Одговорно лидерство“. По завршување на форумот, учесниците на форумот ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски. Кој беше Трајковски и каков печат и даде на политичката сцена во Македонија?

https://p.dw.com/p/Abyy
Борис Трајковски
Борис ТрајковскиФотографија: AP

Правник од Струмица, што го сакаше својот дијалект, верник, кој со методистичките редови ги отвораше вратите и во Белата куќа, а со претседателот Џорџ Буш заедно се молеа. Беше оспоруван од домашните политичари, но како претседател на Македонија, оствари средби со над 50-тина светски лидери. Живееше и говореше со речникот на верниците и обичните граѓани. Во својот инаугуративен говор, по изборот за претседател на Македонија, во 1999 година, Борис Трајковски, рече: “Сакам да го повикам она најдоброто во нас, во вашите срца денес заедно да го започнеме новиот век и новиот милениум.“ Во шпицот на конфликтите не дозволи воена состојба и суспендирање на државните институции. Сакаше и практикуваше дијалог, успеа да биде медијатор во клучните Охридски лидерски преговори, за меѓуетничко и граѓанско примирје. По потписот врз Рамковсниот договор, во Скопје во август 2001 година, Трајковски порача: “Ние денеска не само што постигнавме еден политички договор, јас би рекол повеќе дека е ова договор за мир. Се разбира договор за мир кој ќе го отстрани присуството на натрапниците, на терористите, од територијата на Република Македонија, ќе ја гарантира сувереноста и територијалниот интегритет на нашата држава.“

Борис Трајковски беше државник со инстинкт, ги бранеше интересите и идентитетот на Македонија и во Советот на Европа, во јуни 2002 година, кога го прашаа за македонско-грчкиот спор: “Прашањето станува се повеќе ирационално и ние тука не очекуваме победнички одлуки на двете страни, туку едноставно повеќе разбирање, сенс за она што е потребно и што го заслужуваме. Ние очекуваме меѓународната заедница да не нарекува со нашето уставно име. “

Трагичната и мистериозна несреќа кај Мостар, Босна и Херцеговина, откри дека граѓаните го сакаат, а светските државници го уважуваат. Дел од граѓаните, тогаш изјавија: “Ќе се сеќаваме како на најдобар политичар. Уште сто години Македонија нема да има таков чесен политичар, визионер.“ “Ќе се сеќавам на него по неговата добродушност.“

Трајковски на домашната политичка сцена доживеа бојкот од опозициониот СДСМ, но и јавно откажување, на тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Љубчо Георгиевски, кој го номинираше за претседателски кандидат. Сепак, во 2004 година, тогашниот премиер, и сега негов наследник, Бранко Црвенковски, призна:

„Те обвинуваа дека си плашливец, а ти го направи најхраброто нешто. Ти, повеќе од кој било друг, ја запре војната и го врати мирот. Во времето на лудило, ти внесе разум. На омразата и се спротивстави со своите беседи за љубов, меѓусебно разбирање.“

Смртта на вториот македонски претседател само ја подзабави апликацијата за ЕУ. Тогашниот шеф на германската дипломатија, Јошка Фишер, во Скопје изјави: “Македонија напредува врз основа на тоа што го остави Борис Трјаковски. Се приближувате кон евро-атлантските структури.“

Фишер на погребот на Трајковски беше заедно со 50-тина светски лидери и европската политичка елита. Тоа не беше само почит кон претседателот Борис Трајковски, туку доказ за вербата на Европа и загриженоста за состојбите во Македонија. Малата балканска држава за една деценија ги доживеа атентатот врз првиот претседател, Киро Глигоров и сеуште енигматичната авионска несреќа и загинувањето на вториот шеф на државата, Борис Трајковски, во февруарските денови 2004 година.