1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ пред усвојување на уставот

17 јуни 2004

Претседателите на држави или влади на Европската унија денеска и утре во Брисел ќе се обидат да го усвојат уставот на Унијата поставувајќи ги основите за една граѓанска Европа. Освен тоа треба да биде одреден наследникот на Романо Проди на функцијата претседател на Европската комисија.

https://p.dw.com/p/AcMx
Се бара наследник за Проди
Се бара наследник за ПродиФотографија: AP

Алармантните резултати од европските избори би можеле да имаат влијание. По слабиот одзив и успехот на евроскептиците, во Брисел расте уверувањето дека овојпат уставот мора да успее за да се спречи кризата на легитимност на Европската унија да не се продлабочи уште повеќе. Претседателот на Комисијата Романо Проди пред почетокот на самитот изјави:

“Ќе биде многу лош сигнал ако не се постигне согласност. Секако ќе имаше позитивно влијание врз европските избори ако согласноста беше постигната порано. Уставот ќе беше вистински преломен момент“.

Досега главна спорна точка беше прашањето за идниот начин на донесување на одлуките во ЕУ. Сите членки се едногласни дека досегашната компликувана постапка во советот на министрите со принципот на двојно мнозинство треба да биде напуштена. Тоа значи за една одлука е неопходно мнозинството на европските држави кои истовремено го претставуваат и мнозинството на населението. Спорот се одвива околу прашањето каде треба да биде границата на мнозинството. Предлогот на конвентот беше 50 насто од државите и 60 насто од населението. Против тоа пред се беше Полска. Во меѓувреме кружи компромисен предлог од 55 и 65 насто што ќе биде подобро за помалите држави. И околу сегашниот број од 30 комесари во Европската комисија на повидок е компромис: можен е принцип на ротација од 2014 година според кој веќе нема секоја земја да има еден комесар. Следна спорна точка е пактот за стабилност на еврото. Германија сака да спречи комисијата да добие дополнителни компетенции да ги казнува државите со повисок дефицит. Романо Проди јасно го критикува ваквиот став:

“Повторувам дека владите треба да го засилуваат пактот за стабилност, а не да го ослабуваат“.

Вечер треба да се донесе решение и за новиот претседател на Европската комисија. Листата е долга. Германски и француски фаворит е белгискиот премиер Ги Ферхофштат, но тоа го одбива Европската народна партија која има мнозинство во европскиот парламент. Германскиот ЦДУ пратеник Елмар Брок вели:

“Ако нашата франција е најсилна во паралментот, тогаш мора да биде дадено силно образложение зошто претседателот на комисијата да не биде од нашите редови“.

Европската народна партија на таа функција радо би го видела премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер. И за него би можела да биде постигната согласност, но тој повторува дека сака да ја задржи сегашната функција.