1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ повикува на дијалог меѓу Палестинците

Кристоф Хазелбах 26 јануари 2009

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ се сретнаа со претставници на Палестинските автономни власти, на Египет, Јордан и на Турција. ЕУ има намера да се ангажира за нов мировен процес во регионот.

https://p.dw.com/p/GgIz
Чешкиот министер за надворешни работи Керел ШварценбергФотографија: picture-alliance/ dpa

Во преден план на сите напори стои пред се’ непосредната помош за палестинското население и обновата на појасот Газа. Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт смета дека тешките животни услови во појасот Газа се една од причините за палестинското насилство.

EU Außenminister beschließen Entsendung von Truppen in den Tschad
Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, со неговите европски колегиФотографија: AP

„Одлучувачки е да се воспостави пристап кон појасот Газа, за луѓето таму да имаат право не само да преживеат, туку и нормално да живеат. Ако не им се даде можност да водат пристоен живот, тие од очај ќе прават непристојни работи, “ рече Билт.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер, пак, гледа шанси многубројни земји од светот да се вклучат во помошта за Палестинците. „Мораме да се подготвиме за обнова на појасот Газа. Сметам дека е добар сигнал што иницијативата за такво нешто доаѓа од регионот. Египет најави дека ќе организира донаторска конференција, што говори за тоа дека арапскиот свет ќе се вклучи интензивно во обновата. Европа не ќе може да стои на страна,“ рече Штајнмајер.

ЕУ повикува на помирување меѓу палестинските фракции

Голема пречка не само за обновата, туку и за напорите за постигнување мир на Блискиот Исток и на патот кон создавање палестинска држава, се актуелните поделби меѓу Палестинците. Фатах управува со Западниот Брег, а Хамас владее со појасот Газа. Шефот на чешката дипломатија и претседавач со министерскиот совет, Карел Шварценберг, во името на целата ЕУ ги повика Палестинците на соработка: „Веруваме дека од фундаментална важност за напредок е помирување меѓу палестинските фракции, под водство на претседателот Махмуд Абас“.

Одлучувачки е, меѓутоа, пасусот „под водство на палестинскиот претседател Абас“. Риад Ал Малики, министер за надворешни работи на Палестинските автономни власти, во тоа гледа потврда за стремежот на неговиот Фатах да биде единствен претставник на Палестинците. Меѓутоа, во Газа фактички владее Хамас. Дури и Малики изрази загриженост дека непријателствата меѓу Фатах и Хамас може да доведат до долготрајна поделба на палестинските области.

Außenminister David Miliband
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид МилибандФотографија: AP

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд, говореше за болна точка во рамките на ЕУ околу прашањето на блискоисточната дипломатија. Разногласие и противречности имаше особено на почетокот на најновата криза. „Најновиот конфликт на Блискиот Исток е знак за политички неуспех. ЕУ сака да биде во центарот на обновените напори за решението на конфликтот со две држави. Претседателот Обама, госпоѓата Клинтон и Џорџ Мичел сосема јасно укажаа дека ваквите напори ќе бидат важен дел од американската надворешна политика,“ рече Милибанд.

Сепак не станува збор само за конкурентско размислување. Шведскиот министер Билт, на пример, се изјасни позитивно за фактот дека САД со нивниот нов специјален пратеник, Џорџ Мичел, поинтензивно ќе се ангажираат на Блискиот Исток.