ЕУ: Николиќ добро знае дека не се бара признавање на Косово
9 јуни 2012Српскиот претседател Томислав Николиќ знае каков е ставот на Унијата, исто како што властите во Србија и јавноста тоа и досега го знаеја, велат извори во ЕУ за агенцијата Бета по повод вчерашната (08.06) изјава на Николиќ дека во Брисел ќе оди да дознае дали ЕУ инсистира на тоа Србија да ја прифати независноста на Косово и Метохија.
Прашањето на „средување на односите“ со Приштина, како што се вели во Брисел, ќе се решава постепено до самото очекувано влегување на Србија во ЕУ и никој сега не знае како тоа ќе биде решено, иако ставот на мнозинството членки на ЕУ е да не се дозволи Србија со „нерешено територијално прашање“, како што беше случај со Кипар, да стане членка на Унијата.
Во официјалната реакција на изјавите на Николиќ, портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, за Бета изјави дека условите за приклучување на Србија во ЕУ се утврдени од страна на Европскиот совет во декември 2011. година.