081209 EU-Außenminister Jerusalem
9 декември 2009Министрите за надворешни работи на ЕУ околу изјавата за Ерусалим дебатираа цели четири часа. Мразот по којшто ЕУ оди по прашањето на Блискиот Исток е тенок. Во суштина, станува збор за прашањето - кои територии треба да бидат дел од идната палестинска држава, држава што допрва треба да биде формирана. ЕУ долго време бара Палестинците да добијат сопствена држава, и тоа и сега не беше спорно. Германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, изјави:
„Сакаме траен мир врз основа на праведно решение ’две држави за два народа’ и затоа потребно е почнување директни преговори што е можно побрзо. Им даваме поддршка на меѓународните напори во таа насока и сакаме да го дадеме нашиот европски придонес во тоа.“
Но,сопствениот европски придонес значи пред се‘ воздржување. Во принцип, со години е јасно како мора да се одвиваат работите - појасот Газа и Западниот брег им припаѓаат на Палестинците, но не само тие.
Ерусалим останува главен проблем
Главен проблем е и останува прашањето на Ерусалим. Прашањето гласи - дали градот ќе биде поделен и источен Ерусалим ќе стане главен град на идната палестинска држава? ЕУ одбегна јасен став околу ова прашање. Првично шведското претседателство со ЕУ предлагаше Унијата да го стори токму тоа - да заземе став по прашањето на Ерусалим, да се определи за источен Ерусалим како главен град на идната палестинска држава. Но, Швеѓаните не успеаја во тоа. За многумина, меѓу нив и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, таков став одеше предалеку:
„Не можеме да го пропишеме крајот на преговорите и сега да кажеме која ќе биде територијата на палестинската држава.“
ЕУ ги отфрли критиките
Врвот на ЕУ ги отфрли критиките дека е воздржан кон Израел. Позицијата на ЕУ ќе даде придонес кон мировниот процес, изјави шведскиот министер за надворешни рбаоти Карл Билт. На крајот на краиштата, ЕУ е свесна дека Европејците при решавањето на овие централни прашања на Блискиот Исток ќе бидат само втора виолина. Највлијателната сила е и останува - САД.
Автор: Михаел Геченберг/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска