1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дортмунд ја продолжува победничката серија

20 февруари 2012

Дортмунд, Гладбах и Шалке победија, Бајерн и „фенерџијата“ Фрајбург ги поделија бодовите. Бремен победи во дербито на северот. Ото Рехагел ја презема Херта.

https://p.dw.com/p/145qh
Од натпреаврот Херта БСЦ-Борусија ДортмундФотографија: picture-alliance/dpa

Во 22. коло од фудбалската Бундеслига Шалке 04 ги потврди своите амбиции за титулата и за Лигата на шампиони. Во убедлива игра Шалке го победи Волфсбург со 4:0. Волфсбург може да е среќен што не прими уште голови.

Хановер 96 беше подобар од Штутгарт - 4:2. Победа која се должи на стандардни ситуации - три гола паднаа по удар од корнер. Сега Хановер има еднаков број бодови со Бајер Леверкузен и шансите во трката за Европа Лигата му се добри.

Бајерн го губи чекорот

За изненадување на колото се погрижи Бајерн Минхен. Фаворитот не успеа да му даде ниту еден гол на „фенерџијата“ Фрајбург и мораше да се задоволи со резултат 0:0 и еден освоен бод. Сега на Бајерн му недостигаат четири бода до врвот на табелата. Фрајбург пак, и покрај покажаниот елан во играта кој беше награден со нерешениот резултат, останува последен.

Fußball Bundesliga 22. Spieltag: SC Freiburg - FC Bayern München
Фрајбург и Минхен ги поделија бодовитеФотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед на тоа што Менхенгладбах го победи Кајзерслаутерн со 2:1, Борусија го истурка Бајерн од второто место. Лидер на табелата останува Борусија Дортмунд која извојува тесна победа од 1:0 против берлинска Херта. Берлинчани, кои губат шест натпревари по ред, сега надежите ги полагаат во искуството и вештоста на новиот тренер - Ото Рехагел.

На дното е напнато

Драматично ќе биде не само за Херта, која од зоната на испаѓање ја делат само два бода, туку и за Кајзерслаутерн и Аугсбург кои загубија исто така важни бодови. И ФЦ Келн по поразот од Нирнберг со 1:2 е во борба за опстанок.

Fußball Bundesliga Hoffenheim vs Mainz
Николче Новески и Срѓан ЛакиќФотографија: picture-alliance/dpa

Во дербито на северот меѓу Хамбург и Вердер Бремен, подобри беа гостите од Бремен. Тие победија со 3:1 и со тоа ги зацементираа амбициите за освојување на некое од местата на табелата која ќе ги однесе во меѓународните натпреварувања.

22-то коло го отворија, инаку, Хофенхајм и Мајнц кои ги поделија бодовите - 1:1. Капитенот на Мајнц Николче Новески го постигна шестиот автогол во бундеслигашката кариера, со што се израмни на врвот на оваа статистика со Манфред Калц. Новески, инаку постигна автогол против истиот противник и во нивниот прв дуел сезонава. Мајнц сепак, успеа да стигне до важен бод со голот на Мохамед Зидан во 29. минута.

Автор: Оливија Фриц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска