Доживотен затвор за неуспешниот напад?
5 мај 2010На неуспешниот поставувач на бомбата на Тајмс сквер му се заканува доживотна казна затвор. Во случај 30 годишниот Пакистанец со американско државјанство да биде прогласен за виновен по сите точки на обвинението, до крајот на животот ќе мора да остане во некој американски затвор, информираат американските медиуми. Пакистанецот Фајзал Шахзах меѓу другото во обвинението се товари за тероризам и обид за употреба на масовно оружје.
Шахзах беше уапсен во вторникот вечерта, при обидот да отпатува за Дубаи, од каде требало да замине за Исламабад. Во меѓувреме тој призна дека во саботата вечер го паркирал возилото со аматерски направената бомба во срцето на Њујорк. Американскиот министер за правда Ерик Холдер, кој го потврди признанието, истакнува: „Јасно е, ова беше терористички напад, за да бидат убиени Американци. На едно од најомилените места требаше да бидат убиени што е можно повеќе невини туристи и посетители на театарска претстава,“ рече Холдер.
Обвинетиот признал дека во Пакистан бил обучен да ракува со експлозиви. Таму тој престојувал пет месеци, а во Соединетите држави се вратил во февруари. Инаку во Пакистан се уапсени уште двајца осомничени, со кои телефонирал обвинетиот. Пред три дена една талибанска група ја презеде одговорноста за обидот за атентат.
Но, во меѓувреме пакистанската армија изрази сомневање дека организатори на неуспешниот обид за експлозија на бомба биле талибанците. Под знак прашање е дали исламистичките групи имаат капацитет да организираат напади во САД или Европа. „Во нашите последни акции ги уништивме скривалиштата, логорите за тренинг и местата за регрутација. Мислам дека во моментов не се во можност да нападнат цели во Америка или каде и да е на друго место во светот“, изјави генерал мајор Атар Абас.
Нападот на Тајмс сквер беше неуспешен поради аматерски изработената бомба. Откако продавач на маици откри пакет што чади во еден автомобил ја алармираше полицијата, која ја деактивираше бомбата.
Автор: АТ/ ГЧ/ дпа/ дв
Редактор: Жана Ацеска