Дебата за безбедноста
31 август 2007Не постојат безбедносни ризици за Македонија, нема вооружени групи на нејзината територија, ниту какви било случувања, кои би можеле да ја дестабилизираат ситуацијата – овој став го застапуваат Владата на Република Македонија, Советот за национална безбедност и партиите во владејачката коалиција.
Второто дијаметрално спротивставено стојалиште го изнесува опозицијата.
Вчера во македонскиот парламент беше манифестирано ова разногласие, кое ги збунува граѓаните и им оневозможува за здобијат пореална слика. Игор Ивановски од СДСМ, тврдејќи дека МВР не ја контролира целата територија на Македонија, го праша премиерот Никола Груевски - Дали ќе побарате оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, иако очекував дека ова мое прашање ќе биде депласирано, оти очекував таа да си поднесе оставка - рече Ивановски. Груевски одговори експресно - Одговорот е – не! Министерката има уште многу работа да заврши, пред да си замине од таа функција. - рече премиерот
Владината Демократска партија на Албанците преку својот генерален секретар и потпретседател на Владата Имер Алиу преку медиумите на албански јазик порача - Во моментите, решавачки за судбината на Косово, се појавуваат инциденти, се предизвикува криза во селото Таушевци - ДПА се дистанцира од актите на создавање криза и ги осудува како антиалбански и авантуристички акти. ДПА ги уверува граѓаните на Македонија и пошироко дека Владата ја гарантира општествено – политичкта стабилност и безбедноста во целина. – рече генералниот секретар на ДПА Алиу.
Опозиционата Демократска унија за интеграција со сосема поинакви ставови по вчерашната шестчасовна седница на Централното партиско претседателство. Потпретседателката на „интегративците“ Теута Арифи кажа - За Демократската унија за интеграција е повеќе од загрижувачки дека како директен провокатор на сите овие состојби во континуитет се јавува токму органот, кој треба да се грижи за спротивното – Министерството за внатрешни работи, односно неговите структури, кои сакаат дестабилизација на Македонија, токму во овие посебни моменти на дефинирање на конечниот статус на Косово. - рече Арифи
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи и сегашен претседател на Демократскиот сојуз – партија во Владата на Никола Груевски, како да прозвучува малку дисонантно од владината реторика - После 2001 година сме со едно огромно искуство како држава: знаеме дека со терористите не треба да се преговара, треба да се дејствува. - истакна Трајанов
Потсетуваме уште и на заложбите на претседателот на Република Макеоднијна Бранко Црвенковски, кој, сепак, побара од релевантните институции, како што рече, „да се преземат сите неопходни мерки, граѓаните за да се чувствуваат безбедно и да се почитуваат Уставот и законите на целата територија на Македонија, без никаков исклучок“.