1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали самитот ЕУ-Кина ќе го приближи Пекинг до Западот?

Дојче веле
1 април 2022

Брисел сака да го предупреди Пекинг да ја прекине поддршката за Москва за време на инвазијата на Украина. Сепак, експертите се скептични за исходот од самитот ЕУ-Кина.

https://p.dw.com/p/49J3V
Symbolbild | EU - China
Фотографија: Rainer Unkelimago images

На 1 април ќе се одржи виртуелен самит на Европската Унија и Кина. Се проценува дека избегнувањето на Кина да ја осуди руската воена интервенција во Украина може да доведе до дополнителни разлики меѓу Брисел и Пекинг. Додека Кина изрази загриженост поради ескалацијата на војната во Украина, преовладуваат разликите околу основните причини за војната: Кина го поддржува наративот на Кремљ против Северноатлантскиот пакт, додека ЕУ и Западот имаат спротивен став. 

Во пресрет на самитот ЕУ-Кина, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави за телевизијата Феникс, дека „односите меѓу Кина и Русија продолжуваат да се развиваат флексибилно“. Сепак, кинескиот претседател Си Џинпинг претходно истакна дека неговата земја се залага за мир и се противи на војната, се вели во мартовскиот извештај на владата. Лидерите на ЕУ сакаат да го искористат претстојниот самит со Кина за да разговараат за војната во Украина. Пред разговорите, финската премиерка Сану Марин рече: „Мораме да се увериме дека Кина е на вистинската страна на историјата“. 

Во соопштението на Европскиот совет се вели дека земјите на ЕУ, исто така, сакаат да го продолжат дијалогот за човековите права со Кина на суштински начин и да разговараат за други области од заеднички интерес, како што се борбата против климатските промени и пандемијата.

Ендрју Смол, експерт за Кина во германскиот Маршалов фонд, објаснува дека лидерите на ЕУ гледаат на состанокот како еден вид „предупредувачки самит“ за Кина. „Во последните неколку недели видовме многу изјави на европските лидери кои изразуваат загриженост поради подобрувањето на односите на Кина со Русија“, изјави Смол за ДВ. „Сепак, лидерите на ЕУ се повеќе се свесни за потребата од долгорочен ребаланс во односите со Кина, бидејќи руската инвазија ги принуди земјите на Унијата да ги сфатат ризиците од зависноста од авторитарни држави кои претставуваат воена закана за нивните соседи. 

Аманда Сјао, висок аналитичар за Кина во Меѓународната кризна група, изјави за ДВ: „Кина би сакала лидерите на ЕУ да ја разберат нејзината позиција за украинската криза по самитот со Европејците и да не дозволат таа позиција да влијае на идните односи меѓу ЕУ и Кина“. За Кина би било идеално од самитот да се испратат пораки за соработка меѓу Кина и ЕУ за хуманитарна помош за Украина и за промовирањето на дијалогот. Сценариото за усогласување ЕУ-Кина во осудата на руските постапки не е на повидок. 

Нови предизвици за односите ЕУ-Кина 

Односите меѓу Европската Унија и Кина се влошија откако ЕУ ги критикуваше трговските практики на Пекинг и ја обвини Кина за кршење на човековите права на Ујгурите. Трговската блокада што Пекинг и ја воведе на Литванија и санкциите против пратениците на ЕУ минатата година дополнително ги зголемија геополитичките тензии.

Германскиот политичар Рајнхард Битикофер, кој ја предводи делегацијата на Европскиот парламент, не смета дека ЕУ и Кина ќе ги решат овие прашања на претстојниот самит. „Очекувам европската страна директно да разговара и јасно да ги реши сите прашања, вклучително и за задушувањето на слободите во Хонг Конг, што е спротивно на меѓународните обврски на Кина, како и за однесувањето на Кина кон Тајван. „Но, не очекувам санкциите да бидат укинати како дел од исходот на самитот“, изјави тој за ДВ. 

Бутикофер е меѓу петте членови на Европскиот парламент што Кина ги стави на црната листа минатата година, што е одмазднички потег поради обвинувањата на ЕУ дека Пекинг ги крши човековите права. 

Joe Biden spricht mit  Xi Jinping
САД остануваат најголем непријател на Кина. фото: Џо Бајден и Си ЏинпингФотографија: The White House/AP/picture alliance

„Во сите разговори кои се водеа од воведувањето на овие санкции, Кинезите одбија да признаат дека топката е во нивниот двор. Бевме многу јасни дека нема шанси да се размислува за ратификација на сеопфатениот Договор за инвестициите се додека се на сила санкциите. Но, се плашам дека кинеското раководство не е во состојба да попушти“, додаде Битикофер. 

Според Јорис Тир, експерт за Кина во Хашкиот центар за стратешки студии (ХЦСС), проруска неутралност на Кина укажува на нови предизвици за ЕУ. „Кина има многу важен извозен пазар во ЕУ што сака да го зачува. Самитот ќе ни покаже на кој начин Кина има намера да го пронајде тој баланс и како ќе се обиде да ја одвои ЕУ од САД“. 

Дали самитот ќе ја приближи Кина до Западот? 

Додека лидерите на Европската Унија и НАТО го предупредуваат Пекинг дека може да се соочи со последици ако остане на страната на Москва, Тир објаснува дека Кина ги фокусира своите напори на она што го гледа како најголеми закани - меѓу кои се и САД. 

„Во 2022 година, Кина јасно ги гледа САД како свој главен непријател. САД им штетат на клучните интереси на Кина, бидејќи американските претседатели постојано истакнуваа дека либералната демократија е единствениот легитимен систем на владеење. Затоа, надежта на ЕУ дека Кина ќе направи значителен пресврт кон Западот е неоснована. Русија во моментов ја поддржува Кина во остварувањето на нејзините клучни интереси, кои вклучуваат одржување на превласт на Комунистичката партија, зачувување на територијалниот интегритет и помагање на економскиот и социјалниот раст. Русија, исто така, ја снабдува Кина со релативно евтини енергетски ресурси - главно преку копно - каде што американската морнарица, која сè уште е супериорна, не може да го прекине снабдувањето за време на кризата“. 
Експертот за Кина, Ендрју Смол, вели дека Пекинг сака да се вклучи во нормална дипломатија и е свесен за стратешкото значење на Европа. Но, кинеската влада, додаде тој, сака Европа да прифати стратешка автономија. „Тоа е нивната дефиниција за отсуство на  соработка со САД“. 

Европратеникот од германските зелени, Рајнхард Битикофер, кој се уште е на црната листа на Пекинг, се надева дека односите меѓу Брисел и Пекинг во иднина ќе се подобрат. „Кина ме интересира уште од 1970 година и навистина ја сакам таа земја и нејзината култура. Имам толку многу пријатели таму што не можам да ги посетам, а не можам ни да ги поканам, бидејќи тоа може да ги загрози. Но, јас ги гледам работите на долг рок“, вели тој. „Во 2053 година ќе имам сто години. Можеби пред тоа ќе го променат курсот“.