Во Киев се преговара, во Брисел се кројат санкции
20 февруари 2014Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска во Киев водат разговори на кои, како што се тврди, е постигнат дипломатски напредок. На четиричасовните разговори на Франк-Валтер Штајнмајер, Лорен Фабиус и Радослав Шикорски со украинскиот претседател Виктор Јанукович, станало збор за распоред на чекори кои треба да се преземат за да се реши кризата во земјата, се вели од кругови на европската делегација во Киев.
По завршувањето на средбата со Јанукович, министрите за распоредот на чекори и временскиот план разговараат и со претставници на опозицијата. Тројцата министри требаше да присуствуваат на денешната средба на ЕУ-министрите за надворешни работи во Брисел, на која се разговара за кризата во Украина, но настаните во Киев го диктираат темпото, па нивните колеги заседаваат без нив.
Во Брисел шефовите на дипломатии на ЕУ разговараат за воведување санкции против одговорните за насилството во Украина. Во предлог завршната декларација од средбата е наведено дека сега работни групи треба да „преземат неопходни подготовки“ за официјално соопштување на санкциите.
„Одговорноста за запирање на насилството лежи недвосмислено во рацете на тие што се на власт и ние од нив бараме да дејствуваат најбрзо што е можно“, изјави првиот ЕУ-дипломат Кетрин Ештон. „Од владата бараме што е можно поголема воздржаност, а од лидерите на опозицијата бараме да се дистанцираат од оние кои се за радикални акции, вклучително и насилство“, рече Ештон во Брисел.
ЕУ-министрите сакаат да воведат забрана за влез во ЕУ за одговорните за насилството, како и замрзнување на банкарски сметки. Се‘ уште нема листа со имиња кои би биле погодени од ваквите санкции. ЕУ-дипломати тврдат дека таква листа би можела да биде составена наскоро.
Русија испраќа медијатор во Киев
Рускиот претседател Владимир Путин ќе испрати посредник во Киев. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека претставникот на Москва ќе учествува на преговорите со опозицијата на барање на украинскиот претседател Виктор Јанукович. Таа задача му припаднала на рускиот омбудсман за човекови права, Владимир Лукин.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во меѓувреме ја критикува реакцијата на Западот на новата ескалација на насилство во Украина. Заканите со санкции против раководството во Киев е „обид за уцена“, рече тој на прес-конференција во Багдад.
НАТО ја предупредува Украина, САД со санкции
Вчера, генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен го предупреди украинското раководство дека односите на Украина со НАТО сериозно ќе се нарушат доколку армијата излезе против опозицијата. Расмусен упати повик кон украинската влада да се воздржи од натамошни насилства.
„Доколку армијата интервенира против опозицијата, односите меѓу Украина и НАТО ќе бидат сериозни загрозени. Итно ја повикувам украинската влада да избегне секакво ново насилство“, порача Расмусен.
Украинскиот претседател Виктор Јанукович вчера го смени шефот на вооружените сили во земјата. Одлуката беше објавена со претседателски указ, откако министерот за одбрана рече дека армијата би можела да земе учество во антитерористички операции ширум земјата.
САД воведоа санкции против дваесет високи функционери во владата на Украина, коишто, според Вашингтон, се виновни за ескалацијата на насилствата и прекршувањето на човековите права во земјата. Како што објави во средата ноќта на брифинг со новинарите висок претставник на американскиот Стејт департмент, за овие лица ќе биде забранет влезот на американска територија и ќе биде забрането издавање визи за нивно патување во САД.