„Војна е!“
27 јули 2006Кога и да е станува неиздржливо. Кога сирените завиваат и доаѓаат ракетите каќуши, првата желба е бегство. Наоми пред некој ден тоа вака го доживеа:„Кога паѓаат каќушите силно одекнува. Многу домови веќе се оштетени. Многу, многу тешко е да се остане„.
Куќата на Наоми се наоѓа само девет километри од либанската граница. Војната премногу се приближи:„Десет дена со ќерките бевме во бункер, и само повремено, кога беше мирно, можевме да влеземе дома„.
Како и скоро секоја куќа до либанската граница, и нејзината има простор за криење. Денес Наоми со нејзиното семејство живее кај пријатели во близина на Тел Авив додека ситуацијата не се смири. „Тука е посигурно„, вели.
И Далила и Охат сакаа да заминат кога паднаа првите ракети и кога над нив летаа израелските воени авиони, но – не можеа. Далила беше во болница и го доби второто дете:„Започна со свиреж. Мислев дека е сирена, но кога падна ракетата мислев дека беше до мојот кревет„.
Во меѓувреме и младата двојка со двете деца ја напушти куќата која е на десет километри од границата кон Либан – што е опасно по животот:„Се разбира дека е тешко. Војна е. Тука живееш, а мораш да го напуштиш домот. Но, има причина, не го правиме тоа за ништо. Станува збор за правда„.
Како Охат размислуваат скоро сите Израелци, дури и ако самите се засегнати. Заминуваат посебно поради децата, зашто сакаат да ги поштедат, вели Далила:„Сега е голем одмор и децата слушаат како ракетите експлодираат покрај куќите. Цел ден се седи во бункер. Тоа не е лесно за децата„.
А, сепак, ќе се вратат во пограничното подрачје, по можност бргу, како што се надеваат. Можеби веќе во наредната недела:„Секогаш ќе останам таму, зашто го сакам тоа место. Никаква војна не може да не исплаши и да не истера од таму„.