Владиците се против новиот закон за верски заедници
23 ноември 2006На седницата на Синодот владиците ќе му ги образложат на премиерот Никола Груевски нивните аргументи зошто се против донесување на полиберален закон за верски заедници.МПЦ бара од владата со новиот закон што наскоро треба да биде донесен да не се дозволи легализација на повеќе верски заедници од една вероисповед.Архиепископот г.г.Стефан смета дека нема потреба од дополнителни отстапки,бидејќи предложениот закон ги задоволува верските права и слободи во Македонија:
-Верувам дека и претставниците на европските институции ќе ги почитуваат оние 99 проценти од припаѓањето на верските заедници во Македонија. Законот мора да одговара на верскиот,религиозниот живот во Македонија.Она што сакам да го предочам е да внимаваме какви закони донесуваме за верските заедници во Македонија.
И исламската верска заедница има речиси идентична позиција по ова прашање.Поглаварот Сулејман Реџепи тврди дека предложениот закон е доволно либерален:
-Нашата реалност најубаво ние ја знаеме.Некои од надворешните фактори,можеби не недобронамерно,веројатно мислат дека ќе се обезбеди доза на поголема демократија за некоја работа,но реалноста во Македонија можеби диктира поинаку.
Но,бидејќи Македонија беше критикувана од ЕК токму по прашањето за верските права и слободи,владата с еобидува да ги вметне препораките на Брисел во новиот закон.Тоа предизвикува отпор кај најбројните религизони групи и засега е неизвесно каде ќе се бара компромисот.Либерализацијата на законот би значела легализација на т.н. Охридска православна архиепископија на Вранишковски и на Бектешката заедница во Македонија.
Во мисија да го омекне ставот на верските лидери беше министерот за надворешни работи Антонио Милошовски:
-Овој закон се подготвува во соработка со верските заедници ,ние очекуваме дека тие ќе го дадат својот придонес.Како што кажав,тоа се нашите позиции,да имаме максимална верска слобода на здружување,но од друга страна да не се дозволи тоа да биде злоупотребено за сегрегации,за создавање верски набој во општетсвото,затоа што сепак оваа соработка која ја имаме на меѓуверско ниво е еден од темелите на стабилноста на земјата и на спокојството кое денес граѓаните го чувствуваат.
Откако Милошовски не успеа да обезбеди поддршка,лично премиерот Груевски се зазеде за да ги задоволи барањата на Европа и истовремено да не ги загрози интересите на најбројните религиозни групи во Македонија.Не се знае каков ќе биде неговиот компромисен предлог,тој денеска присуствува на седницата на Светиот архиерејски синод,но неофицијалните информации пред стартот не ветуваат дека владиците се подготвени на отстапки.