Бојкотите и нивните резултати
2 февруари 2011Опозицискиот СДСМ го напушти парламентот во петокот (28.01), иако предходно неговиот лидер учествуваше на партискиот самит кај шефот на државата Ѓорге Иванов. Заминаа и пратениците од НСДП И Нова демократија и само 4-ца пратеници од ЛДП останаа како опоненти на владината политика. Опозиционерите бараат предвремени избори, заедно со ДПА која поодамна е вон парламентот поради нереализирање на албанските национални приоритети.
Бојкотот на собранието, како средство на притисок подеднакво го користеа или практикуваат сите македонски и партиите на Албанците.
„Излегувањето од Собранието, бојкотот, уличните демонстрации или лустрација, се најнепосакуваните сценарија на една демократија и се случуваат само во земји каде опозицијата е спречена во своето дејствување или нема достап до јавноста. Во Македонија партиите не се научени на опозициски статус и конструктивност на своето дејствување со таков статус“, вели Владимир Мисев, аналитичар и директор на Институтот за демократија.
Кој почна прв?
Првото собраниско негодување го иницираше пратеничката група на ПДП, која во во раните 90-ти беше доминантен репрезент на Албанците. Тие го напуштија парламентот во знак на незадоволство од решенијата за малцинските права, пред се‘ примената на албанскиот јазик во официјална верзија, што не беше допуштен со првите уставни решенија. Потоа следуваа митинзите и револтот од апсењата на дел од партиското раководство на ПДП, кое беше притворено поради албанска паравојска и обвиненијата дека наводно се милитаризира едно партиско крило.
Кој бојкотирал најдолго?
Лидерите на ДПА Арбен Џафери и Мендух Тачи важат за пратеници со најдолг стаж на апстиненција по изборните мандати во законодавниот дом.
Владејачката ДУИ, по изборите во 2006 година, прогласи мораториум за својата парламентарна група, како бојкот кон формирањето на владата Груевски-Тачи, иако интегративицте предводени од Али Ахмети беа победници во албанскиот електорат.
„Партиите, и македонски и албански, не може така лесно да го напуштаат парламентот и да ги замрзнуваат своите изборни мандати, стекнати како претставници на народот, а притоа да не дадат јасна порака што се алтернативните мерки на политичко дејствување вон институциите“, изјави за ДВ Артан Садику, аналитичар од Скопје.
Дипломатите притискаат
Дипломати на САД и ЕУ, како по правило, на секој бојкот реагираат со притисок врз челниците за меѓупартиски дијалог, пред се‘ во парламентот. Тоа се случува и со нивната активност деновиве.
Во македонскиот блок специфичен модел на бојкот беше апстинецијата од вториот изборен круг во 1994 на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски и Демократската партија, тогаш формирана од Петар Гошев. Тие, незадоволни од нерегуларности при гласањето и фалсификати, особено на тогашните претседателски избори, кога ривали беа Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски, се решија да бидат вонпарламентарна опозиција и му препуштија на СДСМ да има апсолутна власт до 1998 година.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Елзиабета Милошевска Фиданоска